Колку напуштени села има Мариово?
Таа прекрасна и изолирана територија на која повторно и повторно и се навраќаме…
Во желбата да ги штиклираме сите села на Мариово, картата е таа која не води и преку која трагаме до недопрени, за нас територии.
Имаме една интересна навика, понекогаш воопшто немаме цел конечна каде се упатуваме кога станува збор за тој крај.
Едноставно влегуваме во колата и додека едниот вози, другиот ги чита имињата на селата гласно и заеднички или евоцираме спомени како сме поминале, дали некој сме сретнале токму во тоа село…или на мигови поминати на секоја точка во овој крај.
Кога на уво ќе ни запне непознато име на село, само блиц потрага на Гугл ни дава идеја за новата точка на интерес.
Така, го откривме Живово.
Село, кое по пописот од сега веќе далечната 2002 има 0 жители.
И започнуваат фантазиите како е да се биде сам во едно напуштено село во тој питом крај.
Прво пристигнуваме во Витолиште, каде се паркираме и ја започнуваме пешачката мисија до Живово.
Има многу километри кои ќе треба да се изодат. И секогаш од почетните точки, ако сретнеме некој локалец, дилемата му е….зошто баш таму, со редица интересни прашања поставени во манир на мариовската итроштина, па со убедување предалеку е…и ви треба некој превоз од типот на трактор или џип. Но, ние не се предаваме, сакаме да пркосиме на новото време и на некои точки уживањето е да се стигне пешки.
Токму такво беше Живово.
Сместено во еден извишен, но сокриен простор помеѓу планината Дрен која го оградува Мариово кон кавадаречкиот дел и бескрајниот поглед кон Кајмакчалан кој се издига кон далечините на јужната граница на овој прилепски дел од Мариово.
Надморската височина е 920м.
Ова е за нас бајковит крај. Ако имате моќ да фантазирате, сигурно ќе се враќате во минатото кога тука вревел животот. Тоа е очигледно. Има евидентни остатоци од еден некогаш жив и богат со жители крај. Мариовски куќи толку карактеристично градени, ниските авлии, архаичните предмети по чардаците и камени мали патишта за поврзување на најоддалечените села.
Но овде ќе ви се раѓаат и бујни фантазии од типот, колку Мариово морфолошки, е различно од другите краишта на Македонија. На небото повремено погледот ќе ви забележи некој орел, на земјата некои интересни, скоро па пустински растенија. Како засолнет рај на некои богови од типот на Перун и Велес, на кои некои древни жители им принесувале жртви. И дали вака напуштените села, царуваат некои невидливи богови со груба градба, бакарна брада, се возат со дрвена кола спрегната од два јарци, носат во едната рака моќна секира, а во другата златно јаболко.
Асоцијацијата на Перун доаѓа од орелот како симбол на тој бог громовник, а тука орлите се чести жители кои можете да ги набљудувате.
Но, доста со фантазии….по извесно време пристигнуваме во Живово.
Мирно и како во вакуум глуво.
Дури ни глас на птици не се слуша.
Прекрасен поглед од левата страна кон еден манастир, сместен на соседната ридеста падина. Подоцна прочитавме дека некогаш била глвната црква на селото. Градбата и живописот датираат од 19 век. Пред црквата оддалеку белеат селски гробишта.
Живово не е големо село, но густо изградените куќи, заради морфологијата на крајот зборуваат дека некогаш тука имало доста жители.
Истражувавме подоцна, па така околу 1906 година имало 400 жители. Селото било изложено на голема трагедија. Турското ропство, во последниот век ги стави Македонците во повеќе огнови. Тие додека сонувале за слобода од тоа ропство, паралелно се соочувале со агресивните пропаганди на нивното соседство. Има списи кои тврдат дека ова голорако население било жртва на колежи и палење на куќите од чета андарти. Во два наврати, биле убиени 50-тина жители и запалени повеќето куќи.
Тажни се овие приказни од историјата….тажно е и тоа што денес кога овој простор има мир, веќе нема жители од миграцијата и напуштање на неразвиените краеви и потрага по некој подобар живот.
Овој мир нам ни годи, но колку знаат да зборуваат ѕидовите на мариовските куќи во Живово, за тие далечни истории…веројатно мирот би бил пресечен со крици од страдањата на жителите пред многу децении и децении тука.
Денес Живово е авет село, село без жители…уште еден драстичен показател на пропаѓањето и тивкото исчезнување на македонските планински села.
….се враќаме кон Витолиште, не пречекуваат селаните кои не испратија со рој прашања. Полни со импресии им раскажуваме. Гледаме искра во зениците кога некој дошол од подалеку да се воодушевува од нивного, за нив скоро мртво место. Не канат да дојдеме пак, им ветуваме и им кажуваме дека освен села сакаме и плснински врвови. еден од селаните дофрлува, па дојдете и качете се на врвот Перин, ене го …покажува со рака.
Перун навистина живее тука…