Една приказна за Локвица 

Шетајќи низ Македонија, секој камен, шума, поток или планина…има некоја приказна. Не мора тоа да се споменици на култура или етаблирано културно наследство…..едноставно избирате локација која сакате да ја откриете и пред вас е шанса да откриете нова убавина.

Таква беше нашата посета на Локвица. 

Село сместено во недопрена природна убавина, до кое водат тесни патчиња и го опкружуваат стрмни планински сртови во областа Порече.

Средба со едноставни и скромни луѓе кои ви раскажуваат приказни. Дишење на чист планински воздух. Едноставно за нас ден-празник.

Ние одлучивме колата да ја оставиме на главниот регионален пат, а да одиме пешки до селото кое е на 800мнв. Прекрасен ден имавме на подарок. Се нурнавме во тишината со поглед на пространите ливади, кои долго не следеа со своето спокојство. Само птици се слушаа и благ звук на пролетен ветер. И така по неколку изодени километри во чиј мир се ужива во пејзажите пристигнавме во селото. 

Локвица е љубов на прв поглед. Високо во планината над пештерата Пешна е сместено на една висорамнина. Село со повеќе чешми и триесеттина жители.Планински масиви од неколку страни го опкружуваат. Осој 1.285мнв на Даутица на исток, Лаишта 889мнв на југ, Голиње 920мнв и Орлов Камен 914мнв на запад и Рупиште 808 мнв на север. Ливади се простораат пред нашите очи, прошарани со меѓи, како острови во тоа зелено море.


Покривите на раштрканите куќи се различни….од оние кои се во функција, до оние кои повеќе ги нема…паднале или од восиките снегови или од дотрајаност. 

Селаните раскажуваа приказни за минатотото, за училиштето некогаш полно со деца, а денес празно како болна вистина во скоро сите македонски села. 

Ни раскажаа и за името Локвица, кое доаѓа од зборот локва – вдлабнатина во која се задржува водата.

Има приказни за четите на Ѓорѓи Сугаре и Ѓурчин Секулоски, како и за војводата Арсо.

Продолживме до крајот на селото, каде што е сместена црквата Св. Димитриј изградена во 1872. Шумот на лисјата од гранките на дрвата, како да сакаа да ни раскажат уште некоја од неброените приказни, за кои биле сведоци низ вековите. Мал одмор во дворот на црквата и време е да се враќаме назад до долината на главниот пат каде што сме паркирани. 

Жителите на Локвица топло не поздравуваат на заминување. Посакуваат да се видиме повторно..ретки се постетите на гости кои не се од овој крај. Не прашуваат дали ни се допадна тоа што го видовме….нема да го заборавиме мирисот на ливадите, синилото на небото, раскожните облавци кој тој ден ни ги подари хоризонтот, едно мало селце како од бајките…со раскажани и недорасажани легенди кои ќе ги откриете, ако го посетите. 

You may also like

Leave a Comment