Кој ќе ве убеди дека Скопје нема езеро, не е во право.
И не е едно, туку се две. Матка и Козјак.
Козјак е нашата точка на интерес, езеро кое е на само 45 км од главниот град.
Сме гледале безброј преубави фотографии од страната на Скопје, но решивме да Ви го покажеме езерото од неговата друга страна.
Многу помалку фотографирана.
Од страна на Македонски Брод.
Погледот не е така спектакуларен, можеби некој ќе заклучи.
Но, сметавме дека добро е да ја покажеме и неговата не толку позната страна.
Малку факти.
Козјак е најголемото вештачко езеро во Македонија, сместено помеѓу планината Сува Гора на запад и резерватот Јасен на исток. Кон езерото може да се стигне по два патишта кои се тотално различни. Северниот пристап од Скопје при што возите по јужните падини на Водно. И овој нашиот избран пат, јужниот пристап кој оди по течението на Треска, од страната на Македонски Брод.
Езерото е долго 32км, достигнува длабочина до 130м, надморската височина е 300м, се смета за езеро со најбогат рибен фонд.
Тишината е редок комодитет денес, а овде може секој да се наљубува со неа, колку што му е доста. Мирот се пресликува дури и во површината на езерото. Толку е мирно како огледало. Пред десетина години овде се одржувал и маратон, на мирни води и според изјавите на врвни спортисти, ова е најдоброто езеро за пливање, затоа што површински има најмирна вода.
Некаде прочитавме дека од 400 вида пеперутки во светот, 200 има во Македонија, од кои 90 отсто се токму овде, кај езерото Козјак. Голем дел се ендемични и доаѓаат биолози ги ловат да имаат по еден препариран примерок. Но со трите брани, односно вештачки езера се промени климата и голема е веројатноста дека голем дел од нив ќе изумре.
Во овој географски предел се наоѓа и резерватот „Јасен“. Кој не е официјално отворен за јавност. Потребна е најава. Се простира на површина од 36 илјади хектари. Тука се планинските масиви, Караџица, Даутица, реката понорница Фоча, која во најголемиот дел што поминува низ планинскиот предел на „Јасен“ е сува и се појавува во долниот дел кон селото Здуње, каде што извира во езерото.
За заштитено подрачје бил прогласен уште во 1948 година. Речиси шест децении бил „воена зона“. Влезот за цивилите бил забранет, сѐ до 2005 година кога е формирано претпријатие за управување со повеќенаменското подрачје „Јасен“ . И сега не е целосно отворен, туку функционира на принципот со најавување. Ние го оставивме за некој следен пат. Уживавме во возењето, дефитививно ова е една од делниците со најубави пејзажи додека возите. Многу е мирно, не пресретнавме ниту едно возило. Не сретнавме ниту човек.
Пред вас се отвораат погледи на непрегледни планини, на прекрасно сино езеро сместено во котлините меѓу тие планини, и на сино небо, испреплетено со сонце и нежни облаци.
Толку бевме обзебемени од убавите погледи и повремени стопови на кои уживавме во апсолутната тишина, па како замагијани заборавивме да направиме повеќе фотографии.
Некогаш и така е убаво, да немате многу фотографии, но во вашата меморија да се сеќавате, буквално на сé.