Видиковец Гога

Местото каде што планината го бакнува и небото и езерото.

Местото каде што ветерот ги чисти и мислите и душата.

Таква е планината за која досега сме напишале толку многу работи, а сепак, секоја следна авантура отвора уште приказни кои заслужуваат да се раскажат.

Галичица, овој пат со врвот Гога,  кој планинарите го викаат Видиковец Гога.

 

 

Јануарски ден.

Челично убаво небо донесе тоа утро.

Овој пат на планината решивме да и дадеме шанса, на тој начин што ќе го искачеме врвот преку мобилната апликација објавена од Националниот парк Галичица. Досега се водевме по маркирани патеки. Иако предлогот на апликацијата беше почетокот на патеката да е на едната страна на планината, односно планинарската куќа Шарбојца, а крајот на другата страна, во Отешево, поради краткиот ден избравме да почнеме и завршиме на истото место, односно инфо таблата пред планинарската куќа.

Денот беше сончев, снег имаше многу малку, колку да не’ потсети дека е зима и се наоѓаме на планина.

Патеката не е маркирана, но апликацијата е верен придружник.

Дел е во шума, дел на отворено, вистинско уживање за пешачење, а најубавиот момент, како и секогаш, е врвот, или видиковецот Гога со своите 1,470мнв.

Од него повторно глетка на двете езера, Охридското и Преспанското, овој пат поразлична од секоја претходна, чисто за потсетување дека секој нов врв на планината си има своја посебност.

Токму на овој шести по ред искачен врв на оваа прекрасна планина, си споменавме колку секој поглед од секој од претходните врвови е различен.

Вржеан засекогаш во нашата меморија.

Фотографиите се само потсетници.

Слободно можете да затворите очи и да го замислите погледот од секој врв поединечно.

Неверојатни се тие сеќавања. Затоа личното доживување е важно, фотографиите се добар потсетник, но не се толку живи, колку што се меморираните призори во нашите сеќавања.

Ужина со топол чај и лежење на сонцето, заедно со единствениот поглед, беше наградата за нашиот шести искачен врв на оваа планина.

После испешачени околу 14 километри, се враќаме во колата, среќни од повторната средба со нашата миленичка. 

“Everloving” од Моби како наша придружба дури си одиме дома, беше веројатно делчето за мозаикот да биде комплетиран. 

You may also like

Leave a Comment