Како да беше предодредено за Облаково да одбереме облачен ден. Доцна есен, во преддворјето на календарската зима.
Она што ни беше посебно интересно за ова село, беше фактот што на последниот попис направен во 2002, бројот на постојани жители бил нула. Но кога ќе дојдете овде, го немате тој впечаток. Животот не го напуштил ова место. Бројни реновирани и нови куќи, обновена чешма, црква, и сето тоа благодарение на многубројните исселеници од Австралија и Америка кои на времето го напуштиле селото.
Тука не’ пречекаа и неколку луѓе со кои нормално си помуабетивме. Ги минуваат во мир своите викенди, во ова карактерно место кое се наоѓа на дваесеттина километри од Битола, на висина од околу 900 м.н.в. Правиме обиколка и налетавме на споменик во чест на загинатите Илинденци од Облаково. Сите наброени со име и презиме, дури десетмина оттука. Значи не само што имало бројно население во минатото, туку селото дало и големи борци за земјата во која ние денес живееме. Од она што го прочитавме, селото дало и борци во НОБ. Знак на живот тука дава и кошаркарското игралиште, но и бројните мачки и кучиња кои ни се придружија во нашата прошетка. За крај доаѓаме до селската црква Св. Никола, која се наоѓа во прилично добра состојба, сигурно благодарение на оние кои не си го заборавиле своето потекло.
Чувствата кои ги доживуваме се помешани. Селото зрачи со ведрина, но и тага, што ова се само некои остатоци на она што некогаш било. Секогаш кога посетуваме вакви села добиваме впечаток дека животот се движи бавно, денот трае подолго, но чувството надушевен мир е бесценет. Можеби ќе дојдат времиња кога луѓето ќе се вратат во селата, ќе сакаат поедноставен живот, ќе се задоволат со она што природата има да им го понуди, а тоа е премногу.
Го напуштаме Облаково. Сега облаците се претворија во дожд, како знак на бериќет и испраќање до некоја наредна средба.