Круг околу Мавровско

Има нешто со Маврово, на што сакаш со радост да му се враќаш.

Како магнет кој те влечи, со различни причини. Доаѓаш во зима за да скијаш, се радуваш на златната есен во него за да планинариш, но конечно пролетта ни даде шанса да го доживееме Маврово на еден сосем поинаков начин. А тоа е одлуката да го завртиме Мавровското Езеро на точак.

 

 

Денот беше полн погодок.
Извозивме 31 км, во еден круг и уживавме во секој миг.
За жал направивме малку фотографии, со што оваа галерија не е богата богата. Откако се вративме заклучивме дека уживањето возејќи околу езерото направи да заборавиме да направиме барем уште некоја фотка.
Патеката е со елевација од 370м, така што навистина со лес се поминува целата километража.
Прекрасни панорами се отвораат додека возите, езерото скоро цело време го имате до себеси, а очите ги полнат зелени предели, челично синило на водата од езерото, меко синило на небото.
Феноменално, би бил единствениот збор за опис.
На половина од рутата направивме пикник, мал одмор во хоризонтала со поглед кон небото и облаците кои некако брзо се движат овде. Па не е чудно, надморската височина е околу 1.220м.
Беше мирен ден, во кој на патот поминаа едвај 3 возила. Имате впечаток дека езерото сте го закупиле за себеси.
Рај за велосипедисти, барем во тој наш ден. Македонија за жал нема циклотуристичка инфраструктира, но откривањето на вакви раеви за точаци е среќа.
Додека возите пределите се менуваат, но впечатокот е тој, заробени сте во еден рај кој во зима е целосно заледен, дури и езерото, а во другите месеци боите на небото и околните шуми, се отсликуваат на огледалната површина на ова прекрасно езеро.
Тука се наоѓа и една од најмистичните цркви во Македонија, која постојано воодушевува со својот изглед во зависност од годишното време и опкружението кое се менува, а воодушевува и со борбата за нејзин опстанок. Тоа е “Св. Никола” која е во самото Мавровско езеро. Била изградена во 1850 година. Во 1953 година со изградбата на хидросистемот црквата се нашла под вода.  Секој поглед кон неа предизвикува воздишки,
Иако главно е потопена во водите не езерото, црквата сè уште го има зачувано својот изглед. Самата градба и камбанаријата уште постојат, иако внатрешноста е главно уништена, а покривот е целосно паднат. Неодамна, и престижниот “Huffington Post”. ја смести оваа црква на листата на најмагичните верски објекти во светот.

„Вообичаено црквите се место каде верниците го наоѓаат својот душевен мир и служат за тивко размислување. Овие свети места се напуштени, а нивната внатрешност е тивка и празна. Сепак, тие имаат зачудувачка убавина која може да се види на фотографиите “, стои во коментарот на “Huffington Post”.

Но, за неа…во некоја следен наш блог пост.

Македонија има вкупно 43 езера, 3 тектонски, 25 леднички и 15 напревни со рака-вештачки езера како што е Мавровското. Македонија е невреојатно сончева земја, има дури 280 сончеви денови во годината. Нема подобра комбинација ако прашате експерти во туризмот или љубители на аутдор спортовите…кај нас ова малку се знае, многу не се цени, а уште помалу се ужива.
Време е за многу кругови околу сите наши езера.

You may also like

Leave a Comment