Лубен со небо на Тицијан

Како што уметноста познава, мајстори кои насликале најдобри неба, така и планинарите преку фотографиите можат комотно да направат листа на денови и планини чии неба ги оставиле без здив.
Едно такво небо, како од делата на Тицијан ни се случи на првиот ден од месецот февруари.

 

Сјајен, сончев и прилично топол зимски ден осамна кога тргнавме кон демирхисарскиот регион на Македонија, со цел да ја запознаеме планината Лубен и да го искачиме врвот Кафчал.
Да читаш за една планина и еден врв е едно, да тргнеш да ги совладаш е сосем друга работа.
Истржаувајќи, наидовме на две опции да се искачи врвот, едната од страната на Цер, а другата од страната на Зашле. Првата повеќе популарна меѓу планинарите, а втората подолга и потешка.
Се одлучивме за втората.
И ако за некои планини и врвови имате “планинарски автопати”, кон Кафчал од оваа страна имате диво и зафрлено подрачје, планина која може комотно да биде синоним за дислоцираност – далеку од светот, осамена стои, а прекрасна по пејзажи кои ги пружа врвот.
Предизвиците во погледот на ориентацијата беа бројни.
Иако планината е сама осамена, и цело време е пред Вас, значи нема промашување, иако на раката не водеше паметниот Гармин часовник, маркации за турата која ја осмисливме не постоеа, козјите патеки беа делумно под снег, а можеби и немаше козји патеки.
Дали пак ние бевме залегнати во јануари, но оваа тура ни се виде напорна, теренот малку незгоден, реално краток зимски ден имавме, а на самиот крај на денот имавме поминати 18 км.
Лубен е интересна средновисока планина, нејзиниот Кафчал има 1.762мнв. Таа и припаѓа на планините од западномакедонската група. Има интересно опкружување, Церско Поле на едната страна, долината на Церска Река ја опколува во еден дел, покрај неа е и превојот Кула, а продолжува во Бушева Планина, со мало одвојување кај превојот Стрмол.
Врвот Кафчал има една специфика. Тој го зазема средишното место во Западна Македонија. Од него имате глетка кон Пелистер, Кајмакчалан, Караџица, Шар Планина, Галичица, Кораб и Бистра.
Затоа и вреди секој чекор до него. Вреди глетката кон овие планини, а тој ден вредеше и небото кое беше фантастично.
Искачувајќи се, имате впечаток дека има нешто немо на таа гола планина. Одите по чудни пространства, составени од варовнички карпи што се создале од интензивна карстна ерозија. Шкрапи, вртачи, ували и мали карстни полиња и скарстени долови Ви даваат јасна слика дека оваа планина има динарски правец. А погледот кон Церско Поле само потврдува дека станува збор за најголемото карстно поле кое Македонија го има.
Величенствени глетки.
А ова е и место со историја. Тука се одиграла Церската битка. Веројатно при војувањата и тогаш користеле познати доктрини , максимално да се осигураат и секогаш да бидат подготвени за нападот на непријателот и од исток и од запад. А Лубен е таа природна граница која се протега како штит во правец север – југ.
Ќе се согласите со нас, ова е епски предел.
Оттука и непрекинатиот успон  кој не е така краток, иако планината изгледа мала.
Се искачуваме и ги гледаме масивите на погоренаведените планини.
На хоризонтот јасно зимско сонце и постојано различни формации од облаци.
Часовите како да ни летаат, а мислиме на краткиот зимски ден.
Пред нас се покажа целта за тој ден.
Врвот Кафчал, на него пишува Кафчел…веројатно е грешка или сленг на локалците.
За миг застануваме и набљудуваме.
Впечатлив венец во 360 степени се врти околу Лубен.
Време е за назад. Совршена навигација и тајминг, додека отчукуваат последните минути на денот.
Сонцето зајде околу 16.30 часот.
Паѓа мрак, се  враќаме кон почетната точка каде е паркиран нашиот автомобил.
Размислуваме за тоа каков прекрасен ден ни подари 1 февруари, ден во кој максимално профитиравме од светлината и температурата во плус благодарение на сонцето.
И какво небо имавме.
И какви спомени од една реално осамена планина.
Убаво осамена, со ненаметливост која сепак воодушевува.

You may also like

Leave a Comment