Македонската Нарнија

26 Јануари, 2019
        Кога ќе спакувате љубопитност во еден џеб, а во другиот желба за промена и ќе ги ставите скиите во колата, ќе ви се случи да се откажете да скијате во познатите скијачки центри во околината и во тој вистински снежен ден, ќе му се предадете на Крушево.
        Мал град, кој даде големи луѓе.
       И што да кажеме за Крушево, а да не повторуваме стотици пати кажани факти? Затоа фактите за Крушево ги оставаме за патеписците кои сакаат репетиции. Ние овде дојдовме за снегот.
Во Крушево често сме доаѓале како деца на екскурзија во пролет или лето, зимите никогаш не биле асоцијација да се оди во Крушево, барем за нас – стереотип кој со оваа минатогодишна посета го демантиравме.

 

Ноќта падна убав снег, размислувавме дали патот ќе биде прооден. Немаше информации, па решивме да се испробаме.
Не сретнавме ниту едно возило на патот, а патот, како од приказните, целосно бел, но гледај чудо….прооден.
Градот е разгледница, распослан на 1.3500мнв. Го знаете фактот дека е највисоко позициониран град на Балканот.
Но, првиот поглед на Крушево во зима е волшебен. Како да е тој град од нашите сеќавања во топлите месеци, само облечен во бело.
Вака потсетува на романтичнот град Cicley од серијата “Northern exposure”.
На секоја страна пука некој беспрекорен поглед на хоризонтот.
Но, ние дојдовме во Крушево, за да се качиме на планината и да имаме свој скијачки ден таму. А, градот да ни биде само краток стоп.
Крушево е како во сон, заспано….гледаш по некое возило и си мислиш, требаше да прашаме дали ќе работи жичарата?!?
Многу е мирно, за место во кое треба да врие од гости кои ги привлекува снегот.
Но, Крушево дефинитивно е настрана и не е нешто полно со туристи.
Работеше жичарата и немаше никво чекање, за брзо бевме на највисоката точка.
Ако Крушево е асоцијација за Cicley, тогаш Бушева планина над Крушево во зима е асоцијација за Narnia.
На прсти ги изброивме оние кои дошле да го уживаат снежниот ден.
А природата, како нацртана.
Екстензивен е скијачкиот туризам на оваа планина.
Можеби и тоа е шарм кој ти наметнува мислење дека времето тука стои.
И навистина времето стои…се топлиш со варено вино во паузата, размислуваш кои се крушевчаните кои на еден празен билборд напишале Jimi Hendrix, а на малата куќарка од жичарата, Pink Floyd, со графит од албумот The Wall.
Веројатно некои млади жители кои од заборав ги чуваат некои музички вредности или луѓе кои оставиле трага, па заминале од Крушево кое реално нема шанси да пружи егзистениција и развој.
Град распнат помеѓу историјата, сегашноста и славните имиња на многумина кои тука живееле.
Се спуштаме во градот, од некаде слушаш песна од Тоше и сé е така едноставно и логично.
Време е за заминување, затвораме круг од уште еден ден, ден за паматење на снежното Крушево.

You may also like

Leave a Comment