Јабланица, величенстевна убавица

Има еден непобитен факт поврзан со планините.

Не постои планина која не е убава!

Секоја си има посебен шарм, посебна привлечност, само треба да и ја пронајдете.

Е сега постојат поубави и помалку убави планини.

Јабланица и тоа како спаѓа во тие првите.

Ве освојува уште при првиот поглед, со првиот направен чекор, при првиот земен здив. 

Се до денот кога одлучивме да ја доживееме Јабланица, единствено нешто што знаевме беа некои факти научени од учебниците по географија во средно. Планината ни беше сосема ново откровение. Не за џабе албанската страна од планината е прогласена за национален парк уште од 2008 година [230 км квадратни се во Македонија, а 260 км квадратни од планината се во Албанија]. А и не за џабе таа од 2019 година е четвртиот македонски национален парк, после Пелистер, Галичица и Маврово. 

 

 

Прогнозите за денот беа дека се можни врнежи во попладневните часови, но сепак тргнавме кон освојување на највисокиот врв на планината, знаејќи дека дотогаш веројатно ќе бидеме спуштени долу. Почетната точка ни беше од селото Горна Белица, струшко. До тоа село се стигнува преку Вевчани. Бидејќи временските прогнози беа како што напоменав, ние се решивме патот од Вевчани до Горна Белица да го поминеме со автомобил, но доколку имате повеќе време, супер е турата да си ја започнете од Вевчани. Патот е долг околу 6,5 километри. Кога стигнавме во Горна Белица, првата помисла ни беше тоа дали навистина во Македонија постои вакво место кое не сме го знаеле. Преубаво планинско село кое се наоѓа на околу 1.500 мнв, па според она што го имам прочитано, веројатно село кое се наоѓа на најголема надморска висина на цел Балкан. После кратката прошетка во селото, на кое вреди да му се навратиме уште повеќе пати, ја започнавме нашата екскурзија.

Откако го поминавме почетниот шумски дел, најпрво набрзо се отвори видикот кон Охридското езеро, а потоа пред нас излезе планината со цел свој раскош. Како некој скриен свет за кој не си имал поим дека постои. Слоеви на гребени измешан во зелено – жолто – кафеаво – портокалови бои кои се преливаат една во друга. Сонцето, облаците и небото ја комплетираа сликата. Кога на ова ќе се додаде погледот кон Охридското езеро и бројните глацијални езера кои ги има планината, не е воопшто чудно зошто таа е убавица која мора да се доживее. Патот беше добро маркиран, а одењето до највисокиот врз на Јабланица – Црн Камен, беше рај за сите сетила.

 

Без премногу брзање, често правевме паузи за да фотографираме дел од раскошот на планината и така да зачуваме за нас барем малку, од она многуто што го искусивме. Патеката ја препорачуваме буквално на сите вљубеници на планините. Од оние неискусните, до тие со многу километража зад нив, но ете, не се нашле никогаш тука. Пред самиот врв Црн Камен (Или Голем Црн Камен) има уште еден врв, нешто понизок, кој непланирано исто така го освоивме. По тоа што отпосле прочитавме тој врв е наречен Мал Црн Камен и е само неколку метра понизок од најголемиот, Црн Камен, кој пак е висок 2.258 метри. Задоволството беше комплетирано со освојувањето на највисокиот врв (кој инаку е карпест, па така веројатно и го добил името) и погледот таму од горе, каде како на дланка се отвораат пространствата на нашата земја, но дел и од тие на нашиот сосед. Бидејќи времето започна да се расипува, моравме да побрзаме за назад, со мислите дека мора повторно да се вратиме тука и тоа за освојување на еден од најубавите врвови – Стрижак, но и поголемо уживање до езерата на самата планина.

За крај уште еден непобитен факт за планините.

После секое искуство доживеано таму, станувате посреќни и поисполнети.

Ние баш такви се вративме назад.

You may also like

Leave a Comment