Ако Штавица е филмското село во прилепскиот дел од Мариово, кога зборуваме за битолскиот, тоа дефинитивно е Маково. Се наоѓа на петнаесеттина километри од Новаци, распостелено на двете страни од патот.
И не велиме дека е „филмско“ само заради неговиот изглед, бидејќи делува како извадено од сценографија на некој високобуџетен историски филм, туку и затоа што тука се снимале неколку филмски проекти. Две години туку престојувала филмската екипа од Турција, која ја снимаше во тоа време најпопуларната турка серија „Збогум Румелија“, а подоцна и Столе Попов со екипата за македонскиот „До Балчак“.
Ние селото го посетивме во еден прекрасен сончев ден, кој повеќе потсеќаше на доцна пролет, отколку на доцна зима.
Како и поголем дел од мариовските села, се наоѓа на падините на Селечка планина, на надморска висина од околу 700 метри, со прекрасен поглед на Кајмакчалан. Во голем дел куќите ја задржале својата автентичност од периодот кога биле градени, па цело село потсетува на еден голем културан споменик, што не’ тера по којзнае кој пат да се запрашаме зошто не е заштитено како такво од страна на државата?
Ја започнуваме нашата вообичаена прошетка, најпрво проаѓајќи преку реката која поминува низ дел од селото. Набргу се среќаваме со една од малкуте преостанати жители тука. Се вика Кита, весела женичка која тука живее со својот маж, кој заминал да го паси добитокот. Желна за муабет, веднаш ни кажува дека има три деца, сите мажени и женети и преселени оттука. Среќна што го оженила и последниот син, кој среќата си ја пронашол со жена од Албанија. А да живее тука, ретко кој сака, иако удопството кое го осеќате дури седите таму, ретко ќе го најдете на било кое друго место во светот. Ја прашуваме за години, на што таа ни одговара – родена сум 1936 година, во соседното село Брник, па вие пресметајте колку сум стара. Витална и подвижна, продолжува да се движи со нас за да ни ги прикаже соседните куќи. Се разделуваме со вообичаена покана за кафе дома.
Сите овие луѓе се многу гостопримливи и ја корситат секоја можна прилика да разговараат со „туѓинци“ како нас. Не изминавме многу кога налетавме на уште еден жител на селото. Се бричеше на огледалото поставено во дворот. Веднаш се насмевна кога не’ здогледа и се впушти во разговор. Ни кажа дека годинава ќе наполни 90 години, иако на прв поглед не би му дале повеќе од 70. Кога се разделувавме му посакавме да си дочека стотка. А тој ни одговори – „скраја да е“. На нашето прашање – „Зошто“, тој во една реченица ни ја кажа болната вистина за сите луѓе во овие села, кои судбината ги натерала овде да го поминат остатокот од животот. „Сам не се живее“, ни одговори. И веројатно е во право, самотијата е една од најтешките казни што човек може да ја добие во својот живот.
Си направивме неколку фотографии, за спомен, за некоја објава, за сеќавање на некои луѓе кои се’ уште прават ова село да биде „живо“. Конечно доаѓаме до куќите каде се снимал најголемиот дел од „Збогум Румелија“. Ти се чини дека си се вратил стотина години назад во времето. Како ништо да не се променило. Изградени од камен, со чардаци и големи дворишта. Ретко каде има луѓе.
Како за крај, застануваме во селската коперација. Тука не’ пречека Ристе, кој иако еден од најмладите жители во селото, претставува вистинска енциклопедија. Не’ послужи со пиво и започна да раскажува за убавите времиња кога тука дневно доаѓале по два автобуси турски туристи, за да ги видат локациите каде се снимала серијата. „И сите ми оставаат подароци, сувенири од Турција, никој не доаѓаше со празни раце“ – ни раскажува. „Денес нема повеќе туристи од Турција, но доаѓа по некој од Македонија. Слободно можат да си донесат месо или печурки, јас им ги правам бесплатно на скара, тие само пивото си го плаќаат. Дојдете повторно, ќе ви спремам и вас. Често тука седнуваат и рибарите, кои одат да ловат риби на Црна или ловџиите, кои ловат дивеч на Кајмакчалан“ – задоволен го продолжи разговорот. А внатре во коперацијата, како средба да договориле Линч, Тарантино и Кустурица, па заеднички го поставиле ентериерот. Една печка насредина, а странично тросед и фотелја. Нормално масичка и еден огромен хоризонтален фрижидер, со стакло однапред. Може да купите само сок и пиво, трето нема.
Среќни и задоволни го напуштаме Маково. Во надеж дека ова село ќе ја задржи автентичноста која ја има, но исто така ќе ја има таа среќа повторно да заживее, а не да остане инспирација за уште некој роман од типот на „Последните селани“ на Петре М Андреевски. Да дојдат нови генерации кои ќе сфатат дека животот тука може да има многу поголема убавина од животот во градовите…