Маркови Кули, како ниедни други кули

Сите тие приказни и легенди кои кружат за Марковите кули кај Прилеп можат да бидат вистинити, ако ние се прашуваме.
Преданија и легенди соочени со научни и стручни истражувања, бришење на линиите помеѓу вистините и приказните…сé за големиот Кралe Марко кој тука ја имал најголемата тврдина на Балканот.
Добредојдовте на стрмните падини над Прилеп, на највоодушевувачкиот спој на карпест релјеф и ѕидини од дамнешена тврдина.

 

На овој камен рид, не е само таа славна тврдина опеана во епски песни. Тука се и четирите врвови Чардак, Тапанче, Гребник и Крупник.
Овој геоморфолошки локалитет, со своите извонредно значајни форми на релјефи и скулптури, се наоѓа на тентативната листа на УНЕСКО од 2005 година. Конфигурацијата на теренот придонела оваа област да биде населена уште од праисторијата. Постојат евидентирани остатоци од енеолитот и бронзеното време, како и можна населба од железно време на ридот Чардак и некропола на локалитетот Заград. Остатоци од класичниот, хеленистичкиот и римскиот период има на јужната страна на Маркови Кули, а поголема населба егзистирала на локалитетот Заград. Во доцната антика и средниот век просторот на Маркови Кули бил во трајна функција. Голем број светилишта од античкиот период се наоѓале на овој простор. Во карпестите структури на Маркови Кули се наоѓа манастирот  Св.Архангел Михаил со живопис од XII век, црквата Св.Никола во Варош, како и манастирот Трескавец со црквата Успение на Пресвета Богородица од XIV век .
        
Целиот простор бележи континуитет на живот од праисторијата до денес.
Како отсечено парче од еден духовен колач, како ревност и копнеж…така делува овој богат камен релјеф како украс над градот Прилеп, ретка податлива појава која воодушевува.
Камени формации и остатоци од ѕидови како патеводители низ животот и сведоци на различни времиња, на безброј заталкани мисли без дно.
Оттука и именувањето на карпите со имиња: Слон, Жаба, Штрк, Волк, Трон…карпи како живи суштества, шират душокорисен збор, како украс од некои древни цивилизации.
И кога дождот ќе им ги размачка очите на овие животни направени од карпа или ќе им ја уништи облеката на ликовите кои се насликани како фрески врз каменот, тие сепак дишат со уникатната порака која ја кријат во себе.
Карпеста уметност, гробишта, резервоари за вода, фрески на огромни камени површини врз кои се градени манастири….локација каде што Цар Самуил, според записите на Јован Скилица ја дочекал и трагичмната вест за ослепувањето на војската по битката на Беласица во 1014 година.

You may also like

Leave a Comment