Сонцето на хоризонтот беше искосено. Играа сенки на нашите лица од него, додека возевме кон демирхисарскиот крај.
Пролет беше, идеално време за овој питом предел кој секогаш не пречекува во некој заспан мир.
Сакавме да го постиме селото Журче, кое асоцира на учењето на буквата Ж во читанката, имаше една приказна за една жирафа и една желка од селото Журче.
Никогаш не разбравме зошто е таа жирафа во текстот…кога можеше да биде и жаба, ако се целеше кон збор на буквата Ж. Жирафи во Журче нема, но жаби и желки има.
И додека ние како деца преку Журче ја учевме буквата Ж, денес тука нема доволно деца за училиштето да биде живо и во весел жагор.
Но, има некои деца кои упорно од патоказот за селото гребат делови од првата буква, за знакот да зборува нешто друго. И упорно да се фотографира.
Пролетта во Журче мирисаше на лековита коприва, на млади глуварчиња и на нежните цветови на багремите.
Самиот поглед на штотуку разбудената природа нуди една посебна радост. А и селото беше живо во тој саботен ден, зошто оние кои живеат во градовите, со будењето на природата се враќаат во стариот крај, да ги отворат куќите.
Љубопитни очи не следат низ селото, срдечно не поздравуваат и не канат да седнеме во дворот со кафе.
Од некој подотворен прозорец се слуша радио станица со македонска изворна народна музика, а погоре и звук на чекан врз камен.
Куќи со големи дворови, повеќето затворени, со бунари, со лозници….некои од нив ќе живнат во топлите месеци, а во некои нема трага на некоја неодамнешна посета, обрастени се во бршлени и коров.
Се упатуваме пешки кон манастирот, иако до него жителите не убедуваат да одиме со возило зошто има асфалтен пат. Тие се горди на асфалтот, а ние сакаме во мир пешачејќи да ја уживаме природата на овој питом крај, без разлика на дистанцата.
“Заобиколен со густа пространа гора, со изобилство вода наоколу, скриен и осамен во околината, манастирот (“Св Атанасиј“) останува незабележан од патникот. Само кога ќе се стигне до неговата влезна врата, се исправуваат манастирските згради. Близината на село Журче го прави манастирот уште попривлечен… Не еднаш, не двапати, тој манастир ги прикривал во своите пазуви нашите револуционерни чети.“ – пишува Георги Трајчев во своето дело „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.).
Манастирот „Св Атанасиј“ и неговата прва манастирска црква била изградена во 1121-1122 година. Сегашната црква е изградена и зографисана во првата половина на XVII век. Според зачуваните натписи над влезната врата црквата за прв пат целосно е зографисана во 1617 година. Од западната страна има отворен зографисан трем, каков ретко може да се види во црквите од тој период. Тремот е засводен со калота и на него се насликани ликовите на Јован Рилски, Јоаким Осоговски и други светци, како и календарските месеци со престави за најкарактеристичните дејности во секој од месеците. Тука се наоѓа и фреската на Ѓорѓи Кратовски.
За жал, не најдовме кој да ни ја отклучи црквата, како би можеле да погледнеме и внатре. Од информациите кои ги читавме, живописот од 1617 и 1622 година, најверојатно е дело на мајстори од Линотопската уметничка школа (село Линотипи, Егејска Македонија). На истите мајстори се и двостраните насликани икони од храмот. Во манастирот работел и Дебарскиот зограф Стојче Станков (1849 – 1903), кој загинал при одбраната на Крушевската Република 1903 година.
За манастирот Журче се пишува дека во првата половина на XIX век биле изградени конаци, кои се уништени во 1895 година, а околу 1900 година манастирот бил комплетно напуштен.
Врз основа на искажувањата на Трајчев може да се заклучи дека Журчевскиот манастир бил активен пред и по Илинденското востание. Всушност тој бил револуционерно гнездо на војводата Јордан Пиперката и други македонски револуционери.
Инаку, во манастирот со вековите постоела и успешно работела библиотека и читалиште. Во библиотеката се создавале, препишувале и преведеувале црковните книги и истовремено таа била училиште за децата од Журче и околните села. Од библиотеката се зачувани неколку ракописи и стари печатени изданија, меѓу кои „Апостолски читанија“ (Цариград, 1870 г.) и „Минеј за месец октомври (Киев, 1891 г.)