24.10.2022
„Дојдете, седнете кафе да се напиеме. Еве уште малку сме тука, па бегаме јас за Струга, комшијата за Скопје. Таму живее. За викенди сме само тука. Ова село се полни со луѓе само за викенд„ …. со овие зборови не дочека Ванчо, кога поминувавме покрај неговата куќа во селото Модрич, спуштајќи се од Јабланица. Беше малку изненаден што гледа некои непознати лица, во селото во кое ретко доаѓаат туристи или планинари, а меѓусебно сите си се познаваат.
Ја прифативме поканата, но наместо кафе побаравме изворска вода. А тој ни донесе и грозје од неговото лозје…и така започна приказната за Модрич.
Ова село и припаѓа на Општина Струга. Сместено е по течението на реката Црни Дрим во месноста наречена Долни Дримкол.
Распослано е на падините на планината Јабланица со надморска висина од 900 до 1100м.
Ванчо ни раскажа како селото по површина е многу големо, за оваа негова територија комотно може да има многу куќи. Тоа зборува едно, дека селото е од разбиен тип, како многу села во Поречието. А по број на жители сега мало, според пописот од 2022 има 25 жители, според Ванчо само 2-3 куќи со старци остануваат да живеат тука во текот на целата година.
Модрич е село со уникатна местоположба и чист воздух, познат по своите извори со вода, а по пријатниот разговор со мештаните, комотно можеме да кажеме и по гостопримливота и отвореноста на луѓето кои живеат или потекнуваат од таму.
Овој ведар човек, со многу радост ни раскажуваше за тоа како некогаш се живеело тука. И колку и денес, потомците сакаат да дојдат и викендите да ги поминат во Модрич, иако живеат во градовите.
Ја сакаме експресијата на лицата на локалците, кои со топли насмевки се сеќаваат на детсвото, но и на приказните кои ги слушале од нивните предци. Така Ванчо ни раскажа дека Модрич има и малку поинаква историја, која е поврзана со тврдината која некогаш се наоѓала наспроти селото и било упориште на Скендербег, кога се побунил против султанот.
И таа негова приказна нѐ инспирира да одиме и да се искачиме до тврдината, од која има мали остатоци, но од која се пружа најубавиот поглед на ова село.
На почетокот од османлиското владеење Модрич најверојатно бил дури и позначаен од Коџаџик, селото од кое потекнуваат предците на Ататурк.
Тврдината којашто се наоѓала во Модрич во текот на османлиското владеење била од големо значење поради нејзината стратешка позиција на левиот брег од реката Црн Дрим, непосредно до патот од Охрид до Дебар. Во ноември, 1443 година Скендербег се побунил против султанот и тврдината во Модрич станала негово упориште.
Под тоа некогашно упориште богато со историја од која и денес се раскажуваат приказни, сега е изградена мала црква и крст.
Нашите откривање на Македонија, никогаш не завршуваат со денот поминат на одредена локација, туку со многу разговори на пат кон дома, како импресии од денот, но и истражување кое сами го правиме инспирирани од вакви интересни приказни.
Така откриваме дека нашите краишта и луѓе, низ историјата биле инспирација и за некои значајни патеписци. Така, Скадарскиот свештеник-хуманист Марин Барлети ja задолжил европската литература со едно свое дело кое стана извор за многубројни уметнички и историски обработки, а во него се опишани и нашите македонски краишта и луѓе, па во таа книга е споменато и селото Модрич и Тврдината и нашите луѓе. Се работи за едно обемно дело, грандиозната Vita et res gestae Christi athletae Georgii Castrioti, Epirotarum principis, q u i propter heroicam virtutem suam a Turcis Scander-beg cognominatus est… издадена за прв пат во Стразбур 1537 година. Во тринаесетте книги што го сочинуваат ова дело исцрпно е прикажан животот и херојската борба на големиот албански водач. Ова дело, можеби во хронологијата има грешки според научниците, но по своите уметнички квалитети, а и поради податоците што ги дава, претставува мошне интересна лектира од коja речиси половина милениум црпеле инспирација плејада поети, прозаисти, историчари….Напишана е на латински јазик, но наскоро по првото издание се појавиле преводи на италијански, француски и англиски, што сведочи за големиот интерес што го предизвикала зашто делото на Скендербег и тогаш, како и денес, предизвикувало восхит кај сите слободољубиви луѓе.
Опишувајќи го животниот пат и борбата за независност и слобода на Скендербег од неговото раѓање до смртта, Барлети дава изобиство податоци за битките што тој ги водел, за војсководците што се судрувале со него, за времето и местата каде што се одвивале тие битки.
Бидејќи Скендербег во својата долгогодишна борба со Турците оперирал и на територијата на Македонија, кај Барлети среќаваме маса податоци и описи на области, места од овој терен, конкретно за Модрич, како и некои карактеристики на менталитетот на жителите од тие места.
И сега ги оставаме тие детали со кои можеби треба да се бават историчарите, денот се ближи кон крај, а за нас е време да тргнеме кон дома. Се поздравуваме со Ванчо, со неговиот сосед и се упатуваме кон осаменото училиште, во кое има траги на некое минато време.
Споменик во дворот, а низ прозорците ѕиркање во фотографии по ѕидовите од некој спортски фудбалски тим и од слики кои зборуваат за некогашниот живот тука.
Модрич, село кое има убава приказна. И име, кое веројатно асоцира на модра боја, сина боја….како и есенското небо, кое во тој ден на нашата посета имаше некоја навистина необична модра убавина.
Ќе се вратиме повторно, остануваат уште приказни недораскажани за ова убаво македонско село. А и за Јабланица која му држи сигурна сенка.