Мост далеку од погледите

Мостовите насекаде се како вечен симбол, како нераскинлива врска, врска помеѓу генерациите и времето. А мостовите градени во историјата, во време кога комуникациите биле тешки… скоро невозможни, биле трајна врска која живее во свеста на многу генерации, поврзувајќи ги и правејќи ги едно. 

За еден мост, читавме многу пред да дојде денот да го преминеме лично.

Тоа е мостот Елен Скок, за некои Еленски Скок или за трети Елен Мост. 

Лоциран е во околината на с. Могорче. Изграден е да ја премости Мала Река, која тече во Реканскиот крај. 

Изграден е од делкан камен, некаде  кон средината на 18 век. Составен е од само еден лак, концепт на кој инженерите и денес се воодушевуваат, а направен е според плановите на славниот архитект Мимар Хајрудин, кој е потпишан како архитект на мостот на Неретва во Мостар.

Кога минуваме по вакви мостови, секогаш доаѓаат размисли колку овие градби биле важни тогаш.

А какво е значењето денес?

И какви мајстори тогаш создавале без механизација, без луксузот на градење кој го имаме денес?

Мостовите биле градби кои поврзувале, а другите градби стојат самостојно.

Мостовите не можат така. Нив им е потребен тој вториот брег, за да ја исполнат целта на своето постоење. Мостовите секогаш служеле за добро, никогаш за некакво зло. Или ако имало зло, мостот помогнал, да се побегне од него….

Има три легенди за мостот и сите три легенди сами зборуваат за овој скоро мистичен мост, кој денес е толку обрастен во вегетација, буквално едвај ќе го најдете. Како да чека миг, поворно да биде откриен за љубопитните трагачи по убави приказни.

Првата легенда е поврзана со момче кое ја бранело честа на својата девојка и една самовила која го претворила во елен , втората е за еден бег кој сакал да улови елен, а третата е за еден ловџија кој сакал да убие еден елен….ако ве интересераат легендите, можат лесно да се изгуглаат на нет. Убави прикаски се.

И Елен Скок е мост кој е симбол на човековата победа над силата на природата. Пречките кои природата ги поставува пред човекот се тешки, но луѓето со помош на мостот ги надминуваат и успеваат во својата намера да истраат, заедно со мостот. Се надеваме дека овој помалку заборавен мост ќе биде расчистен од силата на вегетацијата која го обраснала и ќе биде прикажан во вистинското светло за случајните минувачи или вистинските љубопитни очи на намерниците.

You may also like

Leave a Comment