Училиште во расчекор меѓу два века

Низ светот постојат десеттици илјади напуштени училишта. Сите тие се напуштени од различни причини: пожари, поплави, воени конфликти, недостаток на пари, недостаток на ученици….Има и фотографи по светот кои на нет објавуваат фотографии од такви призори направени на различни географски ширини.

Ако треба ние да пратиме фотографии од нашите напуштени училишта, би го избрале едно од најстарите, во кое на 15 ноември 1944 година се одржал првиот час на македонски јазик во регионот на Преспа. Тоа е старото, напуштено и скоро разрушено училиште “Димитар Влахов” во селото Љубојно, кое е второ училиште во Македонија, по она кичевското во Подвис, каде се држела настава на мајчин јазик. 

76 години подоцна седиме пред истата зграда, распадната, обрастена во вегетација, за многумина непозната…а листајќи ја историјата, излегуваат имиња на познати личности кои тука го започнале своето школување на мајчин јазик. Од Љубојно потекнуваат над 150 интелектуалци…лекари, професори, адвокати, инженери, писатели, новинари…

И ако 1944 година е запишана како година во која прозвучил македонскиот јазик во ова училиште, тогаш 1907 година стои како иницијална година на оваа зграда во тоа дамнешно време изградена со намена за училиште. Во летописната книга на училиштето, стои дека зградата била изградена со доброволна работа на жителите на селото, имала 8 училници, распоредени на два ката. Наставата започнала во 1908 година, а првите учители биле охриѓаните Климе, Каролина и Лена. 

До учебната 1971-72 училиштето функционирало како осмолетка, потоа е преместено во нова училишна зграда, а старата пропаѓала низ годините. Нем сведок е само една спомен плоча поставена во 2004 година на влезот од разрушената зграда, во чест на еден јубилеј 60 годишнина од настава на македонски јазик. Од таа плоча случајни минувачи дознаваат за вредноста на оваа историска зграда.

Објавена беше инцијатива, неодамна за нејзино возобновување, со цел да стане Центар за промоција на македонскиот јазик. Благородна идеја… 

You may also like

Leave a Comment