Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the wordpress-seo domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/nomayisn/public_html/wp-includes/functions.php on line 6114
Принцеза на Балканот - Џамијата Хајдар Кади  во Битола - No Man's Land

Принцеза на Балканот – Џамијата Хајдар Кади  во Битола

Најславниот отомански патеписец Евлија Челебија, кој патувал низ териториите на Отоманската империја и околните земји во период од 40 години и оставил 10 тома под името “Сејахатнаме“, што во превод би значело “Книга на патешествија” или “Патеписи”, составена од неговите белешки кои остануваат траен документ за историографијата на многу места и градови, за Битола, тогашен Манаст’р, издвоил посебно место.
Ја опишал како еден од најубавите градови на Балканот.
Со над 3.000 куќи, во битолската чаршија избројал 900 дуќани, но исто така и рекорден број кафеани и чајџилници – 40 на тој мал простор, неверојатна бројка за тоа време.
Забележал дека околу градот се наоѓаат дури 20 места за излети и забава:
„Во градот кон квечерина се слушаат славеи, а танцот на Циганките, звукот на сазовите и убавината на песните наоколу секого го тераат на возбуда и самозаборав.
Поетите и вљубените своето време го минуваат во кафеани, со озборување, а крај асталите можат да се видат луѓе со необични чалми, небаре птичји гнезда, и преубави танчерки кои на својата половина имаат обесено шарени ленти со ножеви”- ќе запише Челебија.
Откако поуживал во славеите и танчерките, патеписецот, што своите тефтери ги порачал уште во 1630 година од родниот Истанбул, каде што секогаш се враќал по неколкугодишно патување по светот, запишал дека Битола во тоа време броела околу 70 џамии.
Многу од нив денес ги нема, но за една од нив овој пат посветуваме достојно внимание.
Ја нарекуваат “Принцеза на Балканот”.
Џамијата Хајдар Кади во Битола.

Изградена 1561 година, со неброени златници кои ги обезбедил Хајдар Бег, ремек дело на отоманскиот архитект Мимар Синан, кој го носел епитетот Микеланџело од Блискиот Исток.
Познат по грандиозната Сулејманова џамија во Истанбул и Селимовата во Едрене.
Првата и втората светска војна,  оваа градба, која е на листата на исламска монументална уметност во Битола, ја ставија во заборав. Обрастена во грмушки, дрва и високи треви, едвај и се гледала фасадата и беше скоро незабележителна за локалните жители во изминатите децении.
За тоа време на заборав, другите џамии низ центарот на старото битолско градско јадро ја имаа својата целосна слава.
Пред неколку години, со комплетна реконструкција, најопениот град ја буди заспаната убавица од градба или принцезата на Балканот, како ја нарекуваат историчарите на уметност. И и’ го враќа стариот сјај.
Исламските споменици во Македонија претставуваат импозантни градби, кои до ден-денес ја раскажуваат приказната за едно време. Така и оваа прекрасна градба, како потсетник на богатството и големината на една од  најголемите империи во историјата на човештвото. Преку османлиската профана и сакрална архитектура директно или индиректно, дознаваме многу податоци, за животот на овие простори.
Сите овие градби биле подигнати од личности кои имале јавни функции во тогашното општество.
Оваа убавица ја подигнал Хајдар Кади-бег, кадија во Битолскиот крај.
Османлиската градителска школа ги користи влијанијата од византиската и ориенталните архитектури, како и уметничките и градителските традиции, кои доаѓаат до израз и преку учество на домашни мајстори. Во градењето и во декорирањето на исламските објекти забележително е учеството на македонските мајстори-градители, копаничари и зографи, особено во XIX век. Монументалните џамии се типичен пример за османлиската еднокуполна градба со јасно изразена желба за голем простор. Но, за нив во …. некоја следна прилика.
Ако Ве носи патот во Битола,  застанете некој “вистински битолчанец”, запрашајте го каде се наоѓа местото на  стариот „Овчи Пазар“, блиску до стариот амам „Дебој“ и ќе имате можност одблиску да го погледнете ова ремек дело на отоманската архитектура.

You may also like

Leave a Comment