1.3K
Дали знаете дека во Македонија постојат две села со име Папрадиште?
Ние не знаевме, случајно откривме.
Едното е во Чашка, а другото во Кичевско.
Е ова другото, не толку познато како тоа во областа Азот, беше наша цел.
Ќе го најдете под името Папрадишта, Папрадиште, Папрадишт…
Но, како и да го изговараат луѓето, тоа е селото распослано на падините на Добра Вода, која е всушност не е извор, туку е планина со такво необично име за планина.
И после оваа какафонија од имиња и топоними, со кои мозокот Ви го направивме маштеница се враќаме на идејата да Ви го претствиме ова не толку познато село.
Барем не, за нас.
Пејзажите покрај кои возевме беа покриени со пожолтена трева.
Сите траги на зеленило, исчезнаа со летото.
Немаше ни лавеж од куче, ни песна на птици кога пристигнавме по тесниот асфалтен пат до селото.
Некој чуден мир, скоро непријатна тишина не пречека во селото, под тоа силно јулско небо, а тишината ти вели како да сме тука во зима.
По ендеците жолто цвеќе, небото тиркизно сино.
Чудно, немаше ни некоја крава да преживува и со опашката да ги брка досадните муви, колку да не поздрави. Немаше ни чешма да жубори и водата од неа да се слева во некој поток. Но, имаше на небото по некој облак, топол и мек како волна. Куќите беа убаво остарени, со некоја бакарана патина која буквално ја имаше на секоја фасада. Обрастени во бршлени, некои напуштени, а во некои се гледаше живот. Обесени алишта да се сушат, музика од транзистор. Иако не сретнавме ниту еден човек. Мирот како да беше бучен, можеби затоа што ние трагавме по некој звук, да го разбие тој “глув мир”.
Шетајќи сами како да е селото наше, слушнавме ѕвонци на овци во едно трло. Им се израдувавме.
Покрај куќите, растат коприви.
Куќарка на куче обрастена во дива ружа.
Има нешто преубаво во овие стари куќи.
Ја изгубивме секоја надеж дека ќе најдеме соговорник во тој топол летен ден. Sиркавме по дворовите и викавме добар ден. Ништо….
Нагоре погледот не води кон планината Добра вода. Врвот не и се гледа, но планинската пространост на таа висока венечна планина како да е забодена во густа зелена шума веднаш над селото.
Селото е на 1.359мнв. Овде во зима би требало да има многу снег. Мора да е живописно и повторно мирно.
Гугламе и наоѓаме следни информации:
Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Кичевската нахија и имало 7 семејства.
Според податоците од 1873 година, селото имало 100 домаќинства со 290 жители.
Според статистиката на Васил К’нчов (Македонија, Етнографија и статистика) од 1900 година, во Папрадиште живееле 220 жители.
Според пописот од 2002, во селото живеат 75 жители.
Го поздравуваме селото и полека се спуштаме кон автомобилот, си разговараме дека добро е еден ден да дојдеме и да ја искачиме планината Добра Вода.
Тогаш можеби ќе имаме среќа за некој блиска средба со неговите жители. Сигурни сме дека убави приказни ќе можеме да слушнеме.
Нашите сенки на летното сонце се мешаат со сенките на дрвата, а на земјата колони од мрави.
Планинскиот воздух и во тој врел летен ден беше присутен да не потсети како тој умее да ги наполни градите со незаменлива убавина.