705
1 Март, 2020
Винските предели на Македонија чуваат љубоморно еден врв кој долго планиравме да го искачеме.
Долго, не заради комплицираност или чекање на добри временски услови, висок е 1.149мнв и е лоциран во пределот на Македонија кој има реално калифорниска клима. Дилемата ни беше создадена од многу различни текстови кои ги прочитавме на интернет и во кои сите пишуваа и објаснуваа различни точки на почеток со цел да се искачи планината и врвот со истоимено име.
Клепа.
И ова не е обичен врв, ако воопшто обични врвови постојат.
Истражувајќи, наидовме на научен труд објавен од Иван Микулчиќ, кој од раните 60 години од 20 век, вршел археолошки истражувања кои ја потврдуваат неговата теза, дека станува збор за планина која всушност била светилиште во античко време, а подоцна и тврдина.
Сите оние кои го возеле низ Средното Повардарие, од далечина веројатно ја здогледале Клепа. Каракетиристична е по врвот кој личи на капа.
Како некој природен ориентир кој го избрале древните народи за свое светилиште.
Го гледате од Стоби, го гледате и од Дреновската Клисура, го гледате од долината на Бабуна и Тополка, од Велешката Клисура до Неготино…го гледате во некој пречник од 40км, во тие вински предели на Македонија, со неговите 1.149мнв.
А средбата со него, не е вообичаена. Го гледате врвот од далеку, но кога ќе се приближите на почетната точка за искачување, него го нема.
Ист таков впечаток имате на Златоврв на Трескавец.
И не е случајно тоа чувство. Древни народи, тие точки ги користеле и за светилишта и за набљудувачници на долините, за испраќање на сигнали, за штитење од непријателот.
Клепа е вулканска купа.
Искачувањето за нас беше лесно, некои пишуваа дека има голем успон.
Планината изгледа како оние макетите кои децата ги прават од гипс за да направат опит како изгледа вулкан. Конечно, ова и е вулканска планина.
Календарски беше крајот на зимата, а ние имавме впечаток дека е пролет.
На зарамнетото тло имате толку убави погледи кон врвот и на двете страни од планината што често застанувате да уживате гледајќи.
Има и силни ветрови кои веројатно дуваат постојано.
Како се приближувате кон врвот, така чувствувате дека овде имало живот, дури и пред да се појават планинарите на овој свет.
Како да е кршен каменот околу врвот. Како да е правен од човечка рака. Она што подоцна го прочитавме е фактот што ова било утврдување кои го чувало Стоби. Значи скоро па го создала човечка рака.
Убаво би бил некој да направи макета како изгледало тоа античко светилиште и тоа утврдување на нечија војска. И не само овде, макети треба да се направат по аналогија на нештата во другите краишта на Македонија, во провинциите на некогашното доцноримско царство.
Клепа е кастел, за археолозите.
Клепа е врв, за планинарите.
Клепа е ориентир, за лозарите.
Клепа е Клепа, планина и врв со исто име.
Призив на клепало кое монасите сé уште го користат во своите служби.
Вреди денот поминат на Клепа.
Не е тоа само обичен врв.
Благодарни сме за тој наш ден поминат таму.