2.2K
Звучи неверојатно, но Македонија има вулкан, а Балканот како подрачје е опкружено со вулкани чии ерупции во минатото се вбројуваат во едни од најсилните во историјата.
Геолошкото минато на подрачјето на Македонија било активно, а траги до древни вулкани и денес постојат.
Ве носиме во Косел, вулкан кој бил активен пред 16 милиони години.
Лоциран на еден рид на патот Ресен -Охрид, нема шанса да го промашите, можеби не по знакот на кој пишува “Дувало”- природна реткост, туку по мирисиот на расипано јајце кој влегува низ отворите за вентилација во возилото.
Нема ништо расипано на тоа место, едностаавно тоа е силен мирис на сулфур и е најава дека овде има поствулканска појава, во облик на сулфатар. Интензитетот на мирисот варира од тоа дали има ветер или не, дали е утро или е вечер, а најинтензивно мириса кога врне.
И името на селото Косел, барем според една легенда доаѓа од зборот што на турски значи сулфур. Во Османлиско време од оваа сулфурна земја се преработувал барут, пред Илинденското востание трговци од Солун го снабдувале за изработка на експлозив, па дури и Римјаните го користеле за правење на некој тогашен вид на кибрити.
Кога сме кај преданијата и легндите, од локалните жители ќе слушнете стории дека Дувало е дел од раседот на вулканот Везув со кој е поврзан под Јадранското Море и дека на оваа линија се и Косоврасти кај Дебарски бањи, чии топли и лековити води ја имаат истата карактеристична миризба.
Жителите се навикнати на миризбата од која нема штета, освен за апаратите со бакарни жици и чешмите кои мошне бргу ʼрѓосуваат. За сулфурот велат дека е лековит и дека помага за разни видови болести, но исто така жителите “во доверба” тивко ќе ви шепнат дека наоѓале мртви животни околу Дувалото.
Според некои, единствениот вулкан на Балканот. Според други заспани вулкани има повеќе во овој регион.
Вакви поствулкански појави со сулфатари има на Кожув на две места и од кавадаречка и од гевгелиска страна и Кратовско-Злетовскиот регион исто така на две места кај селата Бели и Плешница. Тоа се главно миоценски вулкани, кои се загаснати.
Во 2014 година, жителите на Косел беа вознемирени заради зголемена активност со густ чад, плашејќи се дека се активира вулканот, но утврдено е дека нема никаква сеизмичка активност и дека се работи за природна појава после обилни врнежи и тектонски поместувања кои тогаш го погодија регионот. Сепак, серијата земјотреси во Охрид и околината неодамна отворија уште неколку нови дувала кои се гледаат и на нашите фотографии.
Некои научници тврдат дека заспаните вулкани нема да се будат уште 100.000 години.
Им веруваме?!?