Возот „Ќирчо“ со парна локомотива, за оние кои се сеќаваат на него, има особини на живо суштество, а не на сега веќе историски експонат поставен во Кичево и дел од него во Ѓорче, во Скопје.
Во 2017 година, иако во длабока старост, паркиран и неподвижен тој прослави 100 години. Нем сведок на многу времиња, различни судбини, за некои добри, за некои и не така сјајни.
Доаѓа “Ќирчо” ќе кажеа жителите на пругата помеѓу Скопје и Охрид, за овој легендарен воз.
Вовчето Пампурче, како го нарекувале некои други. се движело на релација Скопје – Охрид, патување кое траело близу 20 часа, a се движело со брзина од 8 до 9 километри на час.
Денес вовчето, или она што е од него автентично останато, композиција од локомотива, два патнички и по еден товарен и сточен вагон, кое сообраќало на теснолинејката на релацијата Скопје – Охрид до Ташмаруништа, струшко, како експонат стои пред железничката станица во Кичево, но и еден дел во паркот на скопски Ѓорче Петров, близу местото каде што некогаш беше железничката станица „Ѓорче Петров“. Двете локомотиви со по некој вагон, достоинствено им се инаетат на годините и потсетуваат на некогашното нивно „златно“ време.
Ако барате историски факти ќе дојдете до следни сознанија:
Трасирањето на теснолинејката од Скопје до Охрид,започнало за време на Балканските војни 1912-1913 година од Србија, во Првата светска војна во 1916-1918 година од Германија и Бугарија, а по оваа војна е завршена од Кралството на СХС.
Делниците биле пуштани етапно. На 25 март 1919 од Ханриево, или старото име на Ѓорче Петров, до Гостивар, во должина од 61,50 километри, потоа на 15 јули 1922 година Кичево – Охрид во должина од 82, 3 километри, па на 5 август од Подмоље, охридско до Ташмаруништа, струшко, со должина од 22, 4 километри и на крајот, на 26 јули 1923 година од Мала Станица (Скопје) до Ханриево (Ѓорче Петров), траса од 5,10 километри. Тогаш и вака всушност овие македонски градови и населени места за првпат добија железничко поврзување, после 1878 година кога е пуштена линијата Скопје – Солун.
Примарната функција на пругата Скопје – Охрид служела за снабдување на војските кои се бореле на Солунскиот фронт. После Првата светска војна теснолинејката продолжила да функционира со редовни линии, патнички и товарни. Бидејќи транспортот од Ѓорче Петров до Скопје и обратно чинел скапо затоа што се одвивал со запрежни коли, во 1923 година пругата Ѓорче Петров – Охрид е поврзана со Скопје. Местото на почетната станица на малото вовче, аналогно на него, станала „Мала станица“ и се наоѓала спроти зградата на некогашната „Нова Македонија“.
Чуф, чуф….тој звук на локомотивите на “Ќирчо” ќе остане запечатен во ушите, па и колективното сеќавање на некои возрасни жители кои сѐ уште раскажуваат спомени од тоа време.