За многумина кои живеат во југоисточниот регион на Македонија, Кожуф е една врста на онаа своевидна и прва лична средба со вистинската планина. И ако се новајлии во планинарењето, веројатно прв врв кој ќе им биде предложен за искачување е Чичи Каја.
Тоа е врв со скромна височина од 1.767м.н.в. и омилен кај многумина планинари, заради неговата централна поставеност на планината, па оттаму можат да скокнат и до некој друг врв, за да ја задоволат својата глад во што повеќе изминати педи од својата омилена планина.
Нас Чичи Каја ни е петти искачен врв на Кожуф. Со него немавме средба во нашите први откривања на оваа прекрасна планина на крајниот југ,иако ни беше веднаш посочен како на почетници тогаш…но не го забравивме и во еден зимски февруарски ден кој донесе свеж Југо и пролетни температури од околу 15 степени, му посветивме внимание, зошто навистина заслужува.
Тоа е централен врв на Кожуф и буквално оттаму имате 360 степени персепктива на сите врвови и гребени на оваа моќна планина.
Убаво беше чувството да ги погледнете од дистанца претходно искачените Sена, Зелен Брег, Двете уши и Мала Рупа.
Тој е пријателски врв со пристапна јужна страна, а по неговата северна страна се нижат драматични вертикални пресеци длабоки стотици метри.
Долу во амбисот лежи населбата Смрдлива Вода, а патот змиолико се пртоега по падините на планината.
Искачувањето е технички едноставно, кондиционо во зимски услови може да биде средно тешко. Истата патека се користи и за летно и за змиско искачување, има јужна експозиција, така што и со снег е пријатно искачувањето. Патеката не е монтона, има и равен и шумски дел, а кога ќе излезете на зоната на гребенот, искачувањето конечно попушта и пред Вас се отвараат атрактивни призори на сите гребени на Кожуф.
Географијата на самиот терен може да биде привлечна за сите љубители на free-ride скијањето, но за жал Кожуф некако се подзаборави по онаа несреќна инвестиција за правење на нов и модерен зимски центар. А и патот во зима ретко се чисти, а честите одрони на карпи се голем проблем.
За крај, се распрашавме кај локалците што значи Чичи Каја? Од турски корен на значењето на името, па се до народни преданија за некој чичко и внук….но откривме и друго дека, за истиот врв има и име Кечи Каја.
Кечи Каја, Чичи Каја…врв на некој чичко и внук….приказните нека се нижат меѓу народот, а ние си посакавме да ни се нижат преубавите врвови на Македонија и во времето што доаѓа.