2 Декември, 2018
Уште во времето на Птоломеј се цртал на картите еден планински венец кој без прекин се протегал од Исток кон Запад кој ги делел јужните топли балкански земји Македонија, Грција и Тракија од северните ладни области. Венец кој претставувал бариера помеѓу дивиот север и цивилизираниот југ, ќе напишат во списите старите Хелени.Во времето на ренесансата се нарекувал Catena Mundi, а во 19 век Zentralkette.Во тој масив, припаѓала и Галичица.
Ова е наше второ враќање тука, овој пат на стартот на последниот месец од 2018 година. Дојдовме со цел да освоиме втор од низата врвови кои подоцна се нижеа.
Денот беше одреден за Бугарска Чука (1801м).
Галичица може да се опише различно. За нас таа е предел кој дише со питом и див карактер истовремено, но над сé потполно своја и скоро негибната. Повторно стигнавме до точката на крај од асфалтен пат од каде ја започнавме нашата нова авантура.И во овој прв дел, уживање е погледот кон првото езеро, Преспанското.Оттаму води слабо маркирана патека, теренот е јасен и прегледен, но во случај на снег или магла ова е комплицирана акција за искачување, само заради отсуство на маркација.
Во јасен ден, како нашиот, не водеше визуелиузацијата и мала помош од мапа која ја следевме на телефон. Среќна околност, кон овој врв силна е албанската телефонска мрежа. Нашите мрежи варираат. Уште на првите врвови утврдивме дека телефонот е некогаш неупотреблива направа со оглед на покриеноста со мрежи.
Затоа подоцна, се одлучивме за некои нови солуции…секое искачување на нов врв ти дава нови искуства. Од Бугарска Чука се отвараат блескави погледи кон второто езеро, Охридското и кон венецот планини на Југозапад на кои доминара Јабланица, како дежурен диспечер на македонско-албанскиот планински хоризонт.Од една страна имате изрезбарени тревни падини на Галичица во позлатено сиви тонови на раната зима, со интензивни сенки на ниското декемвриско небо, а од другата страна величенствениот поглед кон Охридско Езеро, но и Преспанско Езеро.Погледот кон двете езера, а Вие качаени на висока точка од еден планински масив е призор како од друг континент.
Во далечина слушате звуци на моторите од авион кој се спушта кон Охрид. Другото е нема тишина.
Време е за спуштање. На патеката видовме и траги од некое диво животно, мечка? Крајот не беше најлесен, повторно брзо заминување на денот и ужасно лоша маркација. Два пати го изгубивме правецот, во вдлабнатината на планината ја изгубиме и мрежата, но рациото на еден од нас, беше силна страна на оваа наша чеврта авантура. Убав е спојот на некој кој е претпазлив и на некој кој е сигурен во ориентацијата.
Галичица и втор пат докажува дека е убавица. Иако е со пусти предели, но нуди спектакуларни погледи. Стојат пред нас уште неколку нејзини врвови за освојување кои ќе Ви ги откриеме во нашиот No Man’s Land-блог посветен на нестварна убавина која ја има Македонија.