Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the wordpress-seo domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/nomayisn/public_html/wp-includes/functions.php on line 6114
КОТА 10 • највисоката точка на Галичица - No Man's Land

КОТА 10 • највисоката точка на Галичица

После посета на сите нејзини делови, искачување на сите најатрактивни и познати врвови, остана онај највисокиот на Галичица, врвот наречен Кота 10, кој е и гранична точка меѓу Македонија и Албанија. А колку и да звучи како некоја излитена флоскула, овај пат навистина најубавото го оставивме за крај. Не знам дали намерно или не, ама едноставно така се наместија коцките.


Денот беше идеален за оваа планина. Во екот на есента, сонце, со ветер во повисоките делови, и планина само за нас. 

Можеби Магаро е најпознатиот врв на планината, но ако не сте биле на Кота, не сте ја доживеале Галичица во нејзиниот полн сјај. А цела разлика е некои 3-4 километри пешачење откако ќе го искачите Магаро. Тука се отвора цела планина и се чувствувате како сите нејзини виуги да ви се на дланка. 

И од овој врв има прекрасна глетка, но од сосема друга перспектива на Охридското и Преспанското езеро. Движењето од Магаро кон Кота е исполнето со благи нагорнини и надолнини, што е можеби и најголемото уживање од цел пат. Патеката не е најдобро маркирана, па нашиот часовник, на неколку пати ни беше добар показател за правецот на движење. 


Кота 10, висок 2265 метри, е скриениот убавец на Галичица. Планината сакала пред него да постави друг атрактивен врв, па многу планинари да се задоволат со стигнувањето до него, а овој убавец да остане само за оние најупорните. Како никаде на друго место, на многу од планините може да си дозволите движење во две држави истовремено, некаде и во три. Или со едната нога да сте во една, со другата во друга. И никој не ви бара пасош или некаков документ за идентификација. 

Можеби планините се најубавите природни споменици, кои ја прикажуваат бесмисленоста на границите. Така ние, после направена фотосесија, дел на македонска, дел на албанска страна, тргнавме за назад. 

Планините секогаш не’ полнат со убава енергија, што после ја трошиме кога се враќаме во цивилизацијата, во градовите. Есента ја крати должината на денот, со тоа и можноста повеќе време да се потроши на планинските падини. Но и вака, во целост успеавме да ги изуживаме оние петнаесеттина изодени километри на одење и враќање до највисокиот врв, на една од планините кои даваат најубав поглед кај нас.

Ние си ветивме повторна посета на Галичица за да ја искачиме Кота, која конечно ја реализиравме. И после секоја ваква средба, си повторуваме дека има причина зошто баш тој еден врв, е највисок на некоја планина. Кота 10 тој ден ни одговори зошто баш тој врв, е највисок на Галичица.

You may also like

Leave a Comment