Култура на сеќавањата

Споменикот Македоним, подоцна преименуван во Илинден лоциран во Крушево, во последните месеци два пати се најде во фокусот, невообичаено и како асоцијација на настани кои немаат врска со историјата.
Првиот пат како елемент во футуристичкиот дизајн на романскиот студент по индустриски дизајн Алекс Барбу, а вториот пат како асоцијација на изгледот на Covid-19 вирусот, како шега “предисториски доказ” за постоењето на вирусот во Македонија, па ги прошета социјалните медиуми локално, па и на популарниот Славорум.
И можеби, инспирирани од овие два поттици, добар момент да се навратиме на ова ремек дело од архитектурата кое не излегува од мода.
Зимски сцени ви пренесуваме од нашата посета, а влезот внатре, очекувано заради пандемијата со вирусот , невозможен…па ќе си го оставиме за некој друг пат.

 

Кога ќе кажеме Југославија, на што прво помислуваме?
На народот кој живееше во лајт социјализам зошто носеше фармерки и со пасошот патуваше секаде, на четвртата војска во Европа, на комунистичката диктатура, на лажната хегемонија….
Што и да мислиме, сигурно Југославија предизвикува некакви емоции кај сите кои имале шанса во неа малку да поживеат, а и кај помладите генерации кои слушале за одморите на Јадран, за тоа како си можел да преспиеш на клупа и никоја да не те гиба, освен народната милиција.
Наследството на Југославија е комплексно, како и самата таа држава.  Не само во смисла на различни мислења за “квалитет на животот” во неа и како таа се распадна, туку од аспект, што таа држава создаде. И тука не мислиме само на Југото, на фабриките кои подоцна се приватизираа или се во некој полузомби распад.
Југославија изнедри одредена култура која јасно се врзува за неа и кога беше нераскинливо поврзана со официјалната прокламирана државна идеологија.
Но, југословенската идеја не е исто со идеологијата на која се создаде. Таа е навистина социјалистичка во суштината, но нејзината специфичност е во тоа што во дел почива на идеите на панславизмот, а другиот дел на митот од народноослободителната војна од која земјата се создаде,
Тоа се одрази и во нејзините културни “производи”, од филмовите, до меморијалната архитектура претставена преку бројни споменици, раштркани по целата некогашна дражава.
Токму ова културно наследство е денес повторно во фокусот, како никогаш порано. И тука не мислиме на романскиот студент и на Славорум, туку на њујоршката МоМа и изложбата која наиде на одлични реакции “Кон бетонската утопија. Архитектурата на Југославија 1948-1980” која направи простор за нови дијалози за тоа YU наследство, какво што досега не е видено во западниот “културен” мејнстрим.
Но, да се вратиме на Крушево и на споменикот.
Првото прашање што требало да се реши било на­о­ѓа­­ње­­то најсоодветна локација за таков споменик. Денешните жи­тели на Крушево паметат дека требало да се натпре­ва­руваат со Битола за тоа кој ќе го добие правото да биде до­ма­ќин на проектот. Според сеќавањата за оваа распра­ва, имало разни реакции: една од нив била – „Додека Крушево гореше, во Битола танцуваа со конзулите“.
Во 1968 година биле повикани архитекти и скулптори да ги достават своите предлог-решенија за споменикот што требало да се изгради во Крушево. Прво била објавена кратка листа од осум предлози, која потоа била сведена на три. На крајот се решавало меѓу „Ватра“ од Фега Косир, ин­женер-архитект од Љубљана, Словенија; проектот кој бил наведен само под шифрата10123 од Тихомир Арсовски, Боро Митриќевски и Кире Рецески од Скопје; и „Македо­ниум“ од сопружничкиот тим Јордан Грабул-скулптор и Искра Грабул-архитект, и двајцата од Прилеп. На 6 мај 1970 го­дина, во Собранието на Социјалистичка Република Македонија била донесена одлука да се оди со „Македониумот“, кој на­брзо бил преименуван во „Илинден“. Проектот се состоел од централна купола од бел бетон поставена, според збо­ро­вите на нејзините креатори, во „меморијал­ни­от простор“ составен од повеќе делови и скулптури.
Градењето траело од 1970 до 1974 година и во ме­ѓу­време проектот претрпел повеќе измени. Тие најчесто биле резултат на финансиските ограничувања, особено от­ка­ко проектот го надминал буџетот и доцнел во однос на предвиденото отворање. Најпрвин планирано за 70-годиш­нината на Илинден во 1973 година, отворањето било одложено за 1974 година, а формата на споменикот, според едно интервју на Искра Грабул во Скопје во мај 1993 годи­на, се разликувал од оној што го замислиле проектантите. Највпечатливиот елемент на финалниот производ била ку­по­лата, масивна структура од бел бетон, во која се нао­ѓа­ат апстрактни релјефи и вечниот пламен. Светлината навле­гу­ва низ четирите прозорци од обоено стакло. Посетите­ли­те влегуваат од кружниот двор опкружен со светло-обоени мозаици и се качуваат по влезниот мост до двојна врата повисока од четири метри.
Записниците од состаноците сочувани во Грабуловата архива откриваат колку доцна во процесот на градење се постигнало согласност за овој облик. Се чини дека Грабу­ловци го убедиле комитетот повеќе со силата на описите отколку со детални нацрти, а до 1972 година немало на­правено дури ни макета. Така, спроти денот кога требало да се постави камен-темелникот на куполата, што било планирано за 13 јули таа година, имало тешки расправии.
Комплексот содржи неколку скулптурални и меморијални елементи. Пред главниот споменик има широк амфитеатар дизајниран од Петар Мазев со шарен релјефен ѕид. Конечно, на врвот на ридот е „Македониумот“ – 25-метарска бетонска купола на која се додадени многу тубуларни испусти (како затапени шилци). На четири од нив има масивни витражи кои ги дизајнирал прилепскиот уметник Борко Лазески. Во 1990 година во внатрешноста е поставен и меморијалниот гроб на Никола Карев, каде се положени неговите останки.
Деталите кои тука ги пренесуваме, се земени од книгата на Кит Браун „Минатото низ прашања: Модерна Македонија и неизвесностите на една нација“.
Грабуловци се стремеле кон духот на архитектите на Бразилија (Холстон 1989 и Scoot 1998) и на оние од периодот по земјотресот во Скопје во 1963 година, чии програми биле во сферата на човештвото, а не на некој негов дел. Како и тие проекти, и нивните напори на подолг рок се покажале неприфатливи со нивниот футури­зам и идеализам. Во Холстоновиот опис на Бразилија и во оние на жителите во новите делови на Скопје, јасно е дека луѓето ги доживуваат новитетите во дизајнот како спротивни на нивните желби. Денес Македонците често ја доживуваат крушевската купола како бомбастичен, не­пот­ребен симболизам што Републиката не може да си го дозволи. Каква и да и’ била нејзината вистинитосна вред­­­ност порано, таа во голем дел еродирала, може да се дебатира и за нарушување на нејзиниот интегритет со внатрешното реновирање.
И може да се каже дека носталгијата за појавите како што се брутализам,  YU споменици и архитектира, се во суштина сигнал за некој носталгија за социјализмот, каков што можел да биди? А Југославија беше единствен пример на земја помеѓу советскиот модел и западниот пазарно ориентираниот пристап, и како таква, и покрај крвавиот начин на кој заврши, денес на современите лево ориентирани теоретичари им служи како пример за тоа како може да се воспостави општество базирано на социјализам. Сепак, во таа условно речено позитивна фасцинација се крие и одредена проблематика.

Така и со овој споменик, еден од низата кои ја поттикната естетската фасцинација и фантазија за откривање на нешто “непознато” за Западот, нешто како next big thing, а посебен тригер беа фотографиите на Jane Kampenaers, но и цел тој дискурс дека се работи за некои необјаснети NLO објекти кои го имаат тој “comunist shapes” wow ефект. За тоа особено убедливо пишуваше Owen Hatherley и нема тука што повеќе да се додаде.

Македониумот или Илинден во Крушево пред две години австралискиот магазин Architecture & Design го вброи  меѓу 10-те најуникатни градби на светот, а пред четири години американскиот магазин Architectural Digest го вброи меѓу седумте најинтересни бруталистички градби во светот.

Сте биле? Или сакате само приказни…

You may also like

Leave a Comment