21, Септември 2019
Крајот на летото го имавме оставено за истокот. Таму есента подоцна доаѓа, а и тие планини ни останаа неистражени. Немавме поим каква авантура не’ чека тоа септемвриско утро, но претходната вечер падна конечната одлука, дека наредниот ден ќе биде за Плачковица и нејзиниот убавец Лисец.
А за името на планината, постојат повеќе легенди, од кои една поврзана за Александар Македонски и некој пајонски крал, откако склучиле договор за воспоставување на подобри државни односи, им се појавиле солзи радосници, како ним, така и на двата нивни народи. Оттука, Плачковица во своите солзи крие само среќа и радост, никако тага.
Се упативме кон Радовиш, испазаривме некои неопходни работи и со кола пристигнавме до планинарскиот дом Џумаја на 1.420 мнв. Да, знаеме дека најдобро е и овој пат да се помине пешки, но планот се’ да направиме во еден ден, а потоа да се вратиме назад, тоа не ни го дозволи.
Првиот дочек во домот ни го направи една мачка која љубопитно гледаше во дојденците кои се појавија од нигде никаде. А внатре домарот, сушеше домати на една стара печка, со вклучен телевизор на спортски канал и тикет од спортска прогноза. Љубезно не’ пречека и само ни’ рече, јас сум Ринго, овде сите ме знаат, долги години сум тука, сум дочекал и испратил безброј планинари. Започна да раскажува приказни за домот и планината, па се договоривме да го продолжиме муабетот кога ќе се вратиме, зошто денот пополека не’ газеше.
А планината, ве освојува од прва. Најпрво, движејќи се кон врвот влеговме во една шума и повеќе се спуштавме, отколку што се искачувавме. После движење од час и половина, пристигнавме до ливада, каде поминува реката Лумија. Совршено место за одмор на очите и слушање на шумот од реката. Тука бевме на надморска висина од 1.160 метри, па не’ очекуваше потешкиот дел, искачувањето. Патеката не е најдобро маркирана, сепак се пробивме до сртот. Таму, уште изненадувања, најпрво знак дека на тоа место во 1944 година е формирана Четвртата младинска ударна бригада, а потоа и место што се користело како хелиодром од страна на армијата. Можеби за очекување беше тоа што до самиот врв се наоѓа напуштен бункер.
Го освоивме врвот! Лисец и неговите 1.754 метри. Сите оние што не планинарат, нема никогаш да го сфатат задоволството на еден планинар после освоениот врв и глетката од горе. За тоа вредат сите маки, напори, повреди, замор. А Лисец е еден од врвовите со најголем доглед, од каде може да го видите дури и Олимп. Тргнавме за назад, со мали потешкотии дури да го поминеме шумскиот дел до самата река, зошто вистинска патека, речиси и да немаше. Се вративме назад во домот, а Ринго по малку загрижен дека започнало да се стемнува, ни кажа дека ќе не барал на телефонскиот број, што му го оставивме пред да започнеме со искачувањето. На заминување, купивме и планински чај од Ринго, насобран нормално од Плачковица.
Каков совршен крај на летото и на една летна планинска сезона. А истокот на нашата држава чува уште многу тајни, кои мораме да ги откриеме.