Солунска глава, врв за среќна 20-ка

25 Август, 2019
Да одбележиш искачување на 20 врв во нецела година, за нас беше голема работа.
И тоа го направивме, според нас, онака како што доликува.
Ја избравме Солунска глава. Личен предизвик ни беше, а и ја зборувавме често.
Тргнавме во сабота кон планинарскиот дом Чеплес.
Планот беше таму да преспиеме, а следното утро рано, да тргнеме кон врвот.

Се разбуди утрото, чудно и замаглено. А последните денови на август беа.
Надвор ја гледаме месечината од едната страна, а на другата сонцето излегува во портокалево-розев сјај.
Тргнуваме низ папратот. Ни требаат нешто повеќе од 3 часа, а висинската разлика ќе биде 1.100 метри.
Влегуваме во буковата шума. Летото се ближи кон крајот.
Пред крајот на шумата е долината Бабина дупка. Се фотографираме и уживаме во раноутринскиот погледот кон планината.
Тргаме по серпентините низ шумата. Ни се причинува дека шумата нема крај, но излегуваме низ ниски грмушки и каменита патека.

 

Дрвата полека исчезнуваат од пејзажот, а теренот станува сив, суров и гол. Но погледите се спектакуларни, зошто пред нас е вистинскиот планински предизвик. Кристално сино небо, проткаено со гломазно блиски облаци.
Со нетрпение очекуваме со свои очи да го видиме оној призор познат од фотографиите, а тоа е најјужниот дел на планината Јакупица, каде што е сместена глацијалната карпа, позната под името Нежиловска стена. Во нејзиното подножје е изворот на реката Бабуна.
И еве ја пред нас, прекрасна, моќна, не дочека во полн сјај, осветлена од тоа августовско сонце.
И остануваме кратко да се воодушевуваме на тој призор, потсетувајќи се дека врвот на 2.540мнв сé уште не чека.
И започнува последната фаза, прво до воениот објект, каде нé застанува војник кој не легитимира, па потоа кон врвот. Не дружи и војникот, попатно нé нуди со топол чај, нé фотографира. Имате впечаток дека тоа го прави секојдневно и воопшто не му е мака. Како едвај да чека да дојде ново друштво.
Разговараме.
Тој ни зборува за непредвидливоста на оваа планина, за авионската несреќа која тука се случила, за изолираниот живот, а ние му зборуваме за тоа како не воодушевуваат спектакуларните погледи од врвовите, за грандиозноста на мајката природа, која ни е на сите на дофат на раката, но ретко кој би поминал пешки толку километри да ужива.
Тој сонува за градот, ние сонуваме за  врвовите.
Тој сака динамичен живот, ние сакаме мир во височините на планините.
Тој не кажа што е она што го фасцинира во градовите.
Ние точно знаеме што е она што значи замагијаност од високогорството.
И за крај….дали се гледа Солун од овој врв или не, апсолутно не ни беше важно.

You may also like

Leave a Comment