Најубавиот ангел на Балканот

Се будите едно зимско утро и одлучувате тој ден да го посветите на еден ангел.

Велат на најубавиот ангел на Балканот.

На ангелот од Курбиново.

Утрото е зимско, но ведро.

Возиме кон езерото. Преспанското.

На патот кој води кон селото Курбиново.

 

 

Читаме од водичот на  Bradt за Македонија…пишува вака: “… кога ќе влезете во селото, застанете во првата куќа лево, тропнете на прозорчето и замолете. Замолете за клучот. За клучот од Манастирот Св. Ѓоргиј…”

И ако сте аскетски настроени, оставете ја колата тука и тргнете пешки по замрзнатиот пат, кој води по стрмнината на планината кон манастирот, оставајќи го селото позади вас.

Ако сте мрзеливи, возете.

И по пат топлете го во дланката замрзнатиот клуч.

И одете нагоре, нагоре…..и ќе ја забележите од левата страна цркавата зад оголените дрвја, исправена и тивка.  Покриена со скелиња, чека реконструкција. И ќе и се приближите, па со затоплениот клуч ќе ја отворите дрвената тешка врата.

 

И ќе го сретнете. И тој на почеток ќе ги затвори очите за миг, заради налетот на светлото низ отворената врата. И ќе Ве запраша од каде сте.

И ќе се изненади кога ќе му одговорите.

И тогаш ќе ја започне својата приказна.

Како е веќе 830 години тука. Во Курбиново, под планината Баба.

Ангелите на фреските по Балканот ја имале ренесанската убавина со векови пред да се роди ренесансата. Но, овој ангел, овој не е ренесански. Тој не личи ни на барок. Тој, веќе ја наговестува следната фаза. Фазата на распадот на барокот…маниризам.

Издолжен е, до границите на човечката и ангелската анатомија. Со мирен израз на лицето. А неговата одора е со многу преклопени набори. Полни со немири.

Како и нашите поткошули, човечки…

А зборот ангел, доаѓа од грчкиот збор “ангелос” кој едноставно значи гласник. Од античката митологија, преку христијанството, па се до европската уметност, тие доживеале бројни трансформации. Кога сме кај уметноста, ангелите биле инспирација за некои од највозбудливите книжевни, музички и ликовни визии. Мистични, бунтовни, религијски, па и и атеистички линии раѓале златни рудници на значења и слики. Значајни стожери на доброто и злото, повторно и повторно ги провоцирале уметниците да искажат нешто духовно, но и неканонско и забрането.

И да се вратиме на нашиот ангел, средба која е посебна…интимна. Sидот на кој е нацртан го чува најубаво насликаниот ангел во византиската уметност, а можеби и во уметноста воопшто.

И секој пат кога во раката ќе ви помине книжната 50 денарка, погледенете со внимание, ако не сте го виделе во живо, време Ви е.

You may also like

Leave a Comment