Македонскиот Версај

Како и секоја приказна, така започнува и оваа.

Пред многу години си беше еден бег, Ахмет Нијази бег кој доби разгледница од Париз од свој драг пријател и на неа слика од еден дворец кој го остави без зборови. Минуваа денови, недели и месеци како таа прекрасна градба не му излегуваше од мислите и реши дека ќе изгради идентичен дворец за себеси….

Каде?

Во Ресен.

Според многумина, ова е еден од најубавите архитектонски објекти од историско значење во Македонија , познат како Сарајот на Ахмет Нијази-бег и еден од најрепрезентативните примери на објекти градени во неокласичен стил тука кај нас.

Историјата вели дека Нијази-бег бил еден од водачите на Младотурската револуција, а ја започнал изградбата на сарајот врз основа на една разгледница на почетокот на 1900 година. 

Тој заради своите прогресивни идеи и учеството во Младотурското движење бил испратен во Ресен, што за него требало да претставува извесна казна. Тоа е истиот човек што како водач на Младотурското движење ја освојува Битола. По што доаѓа во Ресен, го гради овој сарај и вели: „Браќа Македонци, Власи, Роми, сега ќе живееме слободно сите во една држава, во едно демократско општество“. 

Ахмет Нијази го носел прекарот Ресенли, со неговото одметнување во планина во 1908 започнала Младотурската револуција. Упатил прокламација до христијанското население за заедничка борба против султанот. Ресенчани раскажуваат дека благодарение на него го имаат не само Сарајот, туку и чаршијата.

Инаку, Сарајот се градел седум години, кога османлиската империја е на самиот залез. Бегот кога насетил дека султанот му ги праќа асесините, бега заедно со златото во Драч, каде што во 1912 година е убиен од истите атентатори.

Има мислење и дека сарајот е граден по Младотурска револуција до 1912 година, кога започнале Балканските војни, а сарајот не бил комплетно завршен. Довршувањето и интервенции во оваа зграда, главно внатрешно се изведувани со менувањето на властите.

Инаку, сарајот по своите архитектонски и естетски вредности им парира на градбите од неокласицизмот од почетокот на 20 век. Фасцинантниот објект е висок 25 метри, со површина од 4.800 квадратни метри внатрешен простор. 

Преспанскиот хроничар Кирил Јоновски од Претор во својата прва и единствена монографија за Преспа пишува дека гредите за објектот ги носеле Kојнцкари со своите рибарски чунки од Пречна планина, од Којнско до Сирхан, а, пак, мермерот е носен од месноста Плочине, кај селото Болно. 

Нијази бег не дочекал неговиот објект да биде довршен. Пред самото завршување на изградбата бил убиен во 1912 година во Драч.

Дворецот на Нијази бег останува убав симбол на една епоха од историјата на Преспа.

You may also like

Leave a Comment