Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the wordpress-seo domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/nomayisn/public_html/wp-includes/functions.php on line 6114
Одисеја 2020 на Беласица - No Man's Land

Одисеја 2020 на Беласица

Има едно убаво чувство, поврзано со искачувањето на планините.

И не е поврзано со часовите поминати таму.

Туку, зборуваме за она необјасниво чувство кое ве преплавува кога ќе се вратите на местото од каде што тргнавте,  после целата одисеја.

Во главата започнуваат да се редат впечатоците. И тоа знае да трае со денови, а некогаш било присутно со недели.

Буквално,  до вашето следно искачување. Чувство, кое создава зависност од која тешко ќе се одвикнете.

Нешто, налик на планинска анестезија….заробеност во импресиите од искачувањето.

А, зошто да се одвикнеме?

Кога ние таа зависност ја сакаме. 

 

 

А колку долго ќе трае? Зависи од многу нешта… колку сте уживале, колку ви било предизвик, какви препреки сте пребродиле, каков неочекуван поглед пукнал пред вашите очи, какво било времето, друштвото….

После  искачувањето на врвот Тумба, на планината Беласица, тоа “нешто” не држеше долго. И секое сеќавање на оваа тура, еве и сега додека го пишуваме текстот за блогот, изнудува некоја блага насмевка.

Утрото кога започнавме со искачувањето, ни на крај памет не можевме да предвидиме каква одисеја има пред нас.  Летен сончев ден, речиси идеален за искачување на еден планински врв. Го започнавме искачувањето од струмичкото село Смолари, кое се наоѓа на околу 350 – 400 м.н.в. 

Прва точка, надвор од патеката ни беа  Смоларските водопади, највисоките кај нас, каде водата паѓа од 40 метри. Тука некаде е и правата табла со знак дека до врвот Тумба имате 5 часа искачување. Ние секогаш додаваме уште барем еден час, зошто знаците се пишувани или од физички многу поспремни планинари или од некои преголеми оптимисти. И секогаш испаѓа дека сме во право.

Започнуваме со качувањето нагоре, кое трае буквално до самиот врв. На моменти пострмно, на моменти поблаго, но пред вас имате едно повеќе часовно качување на Беласица, што во шума, што низ ливада и папрати, што низ трева и карпи. 

 

 

На 1276 м.н.в се наоѓа планинарскиот дом Шарена Чешма, па иако според надморската висина сметате дека се наоѓате на половина од патеката, всушност не сте ни започнале со сериозното искачување.

Наградата за целиот труд е кога ќе излезете на хоризонтот и започнувате да ја чувствувате близината на врвот. За работите да бидат уште малку покомплицирани, во еден дел, каде маркацијата беше покриена со бујната вегетација, направивме погрешно скршнување, што значеше уште 5 – 6 километри дополнително одење. А времето многу топло и тежок воздух со голема влажност, заради последните поројни дождови во крајот. Гледаме на часовникот, дали ќе имаме време, заради грешката или тука да се откажеме, зошто и денот не е бесконечен, плус не чека долг пат со возење до дома….Часовникот вели, можете!

И тргнавме кон врвот, овој пат, точно….

Врвот ни приреди незаборавен пречек.

Стадо од преку 300 коњи беа раштркани на сите страни и правеа една величествена глетка. Неколку од нив се наоѓаа и на самиот врв, подготвени за позирање, не гледаа пријателски, како навикнати статисти за снимање во филм од скапа холивудска продукција. 

Тумба со своите 1881 метар е искачена, а редно беше да го здогледаме и најмалото природно езеро од еден планински врв – Дојранското. На хоризонтот видовме и мало езерце на грчката територија. Од почетната до крајната точка искачивме преку 1550 метри.

Веднаш под самиот врв се наоѓа и тромеѓето, односно границата помеѓу три држави – Македонија, Грција и Бугарија, што ја дава таа шанса, да си проверите колку знаете географија и да ги наброите планинските врвови во трите држави. 

Полека се подготвуваме за назад кон селото. Кога пристигнавме, сонцето веќе одамна беше зајдено. Часовникот покажуваше испешачени 32 километри, во нив и оние во погрешна насока, скоро до бугарската граница, со кои сами се “почастивме”. 

Преморени, но исто толку задоволни, патот кон дома никогаш не ни’ поминал побрзо и полесно.

 

А Тумба ќе ја паметиме, исто како и убавото чувство што уште долго ќе го носиме со нас.   

 

You may also like

Leave a Comment