Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the wordpress-seo domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/nomayisn/public_html/wp-includes/functions.php on line 6114
Шар Планина - поход кон највисокиот врв - No Man's Land

Шар Планина – поход кон највисокиот врв

6 Јули, 2019

Што да кажеме, а да не го повториме веќе кажаното?

Планина која се протега во должина од 80км, од својот најсеверен врв Љуботен до клисурата на Реката Радика и Корабскиот масив на кој продолжува кон југ. Овој венец од импозантни размери постигнува и завидни висини од дури 2.747мнв со преку 50 врвови кои ја преминуваат котата од 2.400
Убавица чии врвови, потсетуваат на Алпите.
Таква е оваа планина.

Првата средба со “една вистинска планина” за нас се случи тука, на Шар Планина. Алпски врвови и долини, реки и по некој пласт снег во јули, монолитни предели и една бескрајна гигантска зелена широчина.
Мрежата на разгазени и маркирани стази на Шара е за балкански поими, исклучителна. Може да ја шпартате планината од едниот до другиот крај или да се одлучите за кружни инспиративни тури.
Нашата одлука беше, во тој прекрасен јулски ден, да се освои Титов Врв.
Она што Шара ја прави поразлична е што сé изгледа мало што досега од планини и планински предели сте го виделе, барем на Балканот. Тие широки пејзажи изгледаат нестварно и се менуваат како на филмска лента.
Исти, а многу различни.

Мислите дека тука некаде е целта, а таа е многу далеку.
Немањето на шуми, оваа планина не ја прави досадна, иако делниците изгледаат монотони, особено во првите часови.
Целото опкружување нуди возбудливи погледи.

Восхитот започнува пред да се приближите на врвовите, односно некаде над 2.000мнв. Одите по јужната страна на планината, која изгледа како бајковит планински пат. Кулминацијата започнува пред подножјето на Титов Врв.
За планинарење треба да се порани, а за Шар Планина треба двојно да се порани. Зошто еден долг летен ден не е доволен за целосно уживање. Сонцето тој ден беше наш пријател, немаше ни ветер, што тука е невообичаена работа.

По некој облак, доаѓаше доволно да ја драматизира секоја фотографија. Бескрајно развлечени предели, украсени со бројни извори, реки и долини и циркови од кои некои се пополнети со леднички езера.
Титов Врв е наш.

2.747 метри е неговата висина. За да се освои не треба да сте аплпинист, но потребна е физичка кондиција заради совладување на големите далечини, 30км планинарење во еден ден и значајната висинска разлика, исто во еден ден.
Вистинскиот десерт, штотуку доаѓа.
Се вика Мал Турчин.
Тоа е соседниот врв со свои 2.702мнв. Немавме план за втор врв, но не убеди една симпатична група на планинари од Скопје, на кои Шара им е викенд дом.

Упатувајќи се кон врвот Мал Турчин, по маркирана патека по работ на гребенот имавме можност од птичја перспектива да го гледаме Титов Врв. Има нешто моќно во мигот од високо да го гледате врвот кој сте го освоиле. Поинаку размислувате, сосем поинаков восхит чувствувате.

Ни останува желбата, следната средба со Шара, да биде на Љуботен, во време на изгрејсонце.
Држете ни среќа таа желба да ни се оствари. Ако не, една Буба Мара уште кога се искачувавме, ни даде ветување во кое ние, ете цврсто веруваме.

You may also like

Leave a Comment