Стрижак не е највисокиот врв на Јабланица. Ниту е меѓу најтешките кои сме ги искачиле. Сепак, тој е нејзиниот најмаркантен врв, но и еден од највпечатливите во Македонија.
Кога ќе стигнете до неговото подножје, стои исправен пред вас и ретко кој може да одолее на неговата убавина и импозантност. Тој е гордоста на Лабуниште, но исто така и на Подгорци.
А колку многу е значаен за населението од овие две села кои се наоѓаат на падините на Јабланица, доволно зборува и фактот што во 2019 година, тука требало да се отвори нов каменолом. И така, населението од овие две села се собрало и го блокирале патот кој води до Стрижак. Не биле доволни сите молби од локалната власт и сите обиди за да се успее во целта со која планината би била испустена. Локалците не попуштиле, дури и по цена на нивните животи. Стрижак останал негибнат, единствено од таа цела акција, лабунишани добиле нов асфалтен пат, по кој доста брзо може да стигнете, од селото, до бачилата со автомобил, а оттаму пешки да го започнете искачувањето на врвот.
Тој есенски ден ние одбравме еден подолг земјен пат за нашата авантура, кој води од соседното село Подгорци. Откако ги поминавме подгоречките бачила, со возилото застанавме кај лабунишките, нормално испразнети од овци, во овој период од годината. Она што беше впечатливо, тоа се големиот број викендици кои никнуваат во различни делови од шумата, главно изградени на диво, како што ни кажаа локалците. Затоа може да се забележат куќарки, буквално заобиколени со дрвја од сите страни, баш онака како што може да видите само на филм или на некоја нереална фотографија на социјалните мрежи.
Ние спремни тргнавме кон нашата цел. Патеката не е добро обележана, но планината во тој дел е гола, па врвот е доволен ориентир, единствено треба да се изнајде полесниот пат до него. После двочасовно пешачење, еве сме најгоре. Возбудени што си исполнивме уште една дамнешна жалба. Повторно да се вратиме на Јабланица и нормално, да го искачиме Стрижак. Ако оддолу се воодушевувавме на неговиот изглед, од горе се воодушевуваме со погледот кој ни го нуди. Пред нас се Струга и Црн Дрим, пред нас се Охридското езеро, Галичица, Палистер…пред нас е цела убавина која Македонија може да ја понуди ако ја гледате само од една точка, која се наоѓа на 2233 м.н.в. Слегуваме назад, притиснати од краткиот ден, па Лабунишките локви ги оставаме за некоја наредна прилика.
Сега е сезона на костените, па планината на крај не’испрати со една кеса костени, да запомниме дека таа е секогаш наклонета кон оние добронамерните, кои доаѓаат тука со убава мисла. А во нашата мисла остануваат бројни прашања. Дали ќе биде спроведена одлуката на Владата за оваа планина да стане национален парк, како тоа што впрочем е направено со нејзиниот дел кој се наоѓа во соседна Албанија? Дали на тој начин ќе се спречат бројните дрвокрадци кои владеат тука, како и непланските градби на викендици? А за тоа како лабунишани и подгорчани го спасија Стрижак од отворање на каменоломот, веројатно треба да учиме сите и да го следиме нивниот пример, а не да се чудиме како се уништуваат планините а никој не превзема ништо околу тоа.