1.2K
12, мај 2019
“Да се смириш, ти, езеро мое,
и да блесне сината шир,
ти ми требаш за да ме утешиш,
покрај тебе да најдам свој мир”
На секоја средба со Охридското Езеро, овие стихови испеани од Нина Спирова во еден преубав македонски евергрин, се навраќаат во мислите. Не дека нема други песни за ова езеро…но, тоа е првата асоцијација низ стихови и музика.
И не е случајно зошто со Охридското Езеро ја започнуваме оваа приказна за уште едн врв на Галичица. Причината е едноставна. Од првата точка на која поаѓате да го освоите врвот Три Мажи, до целта цело време го гледате Охридското Езеро.
Тоа не е така со останатите врвови на убавицата Галичица, на која повторно и се навративме.
Три мажи.
Колку необично име за еден врв.
Бројот 3, еве за врвот Три мажи, но и за третиот по ред за нас освоен врв на Галичица.
Ако нумерологијата, ни е значајна во некои наши субјективни симболики, ок е бројот 3.
Но, ние сме тука заради планините.
Почетната точка ни беше селото Велестово, над Охрид распослано на 1.060мнв. Село кое го има најубавиот поглед на градот и езерото, по наше мислење.
Крајната точка ни беше врвот Три мажи на 1.630мнв.
Денот беше пролетен, а прогнозите најавија попладне дождови.
Така и беше.
И по трет пат, ќе кажеме дека Галичица е планина со нескриена убавина и кога ја гледате од брегот на езерото, но и кога ја гледате од нејзините врвови.
Иако Галичица љубовта ја дели меѓу двете езера Охридско и Преспанско, ако му пријдете на планината од охридската страна, како што беше овој пат, знаете некако дека таа љубов меѓу езерото и планината, од оваа страна е посилна.
И додека се искачуваме лесно до врвот Три мажи, заклучуваме дека овој врв ги има најромантичните погледи на езерото и планините кои од другата страна го опкружуваат.
Пристигнуваме на врвот, со доза на дилема, зошто нема обележје…и со прашалници од каде името Три мажи? Можеби очекуваме три карпи, три камења….три нешта кои ќе ја деминистифираат идејата за врвот да го носи ова име.
Патеката беше добро обележана, затоа и бевме сигурни дека ова е врвот.
Облаците брзо се движеа, прогнозите беа точни.
На врвот ги почувствуваме првите капки дожд, а кога се симнавме по неколку часа до нашето возило паркирано во Велестово бевме водени до гола кожа.
Мајскиот дожд не штети, само потсетува колку е важен, за на следното искачување на планините во овој регион да ни ги подари ливадите со прекрасни пролетни цветови.
Галичица е планина на која уште ќе се навраќаме, зошто станавме зависни од спектакуларните погледи на едното или двете езера во сите годишни времиња.