1.3K
22, Јуни 2020
Дешат како географска одредница не звучи така отмено како Шара, Кораб или Бистра, но ако малку подлабоко се загребе по планинскиот инвентар на Македонија, во оваа западна планинска трансферзала, ве очекува овој фантастичен планински бисер.
Врвот Веливар некако срамежливо избива на видело, додека со мистика обоениот Дешат треба да привлекува планинари жедни за предизвици.
Ние ништо не знаевме за оваа планина, нешто малку најдовме на нет, а една добра инстаграм фотографија на пасиониран планинар, не натера да се впуштиме во нејзино откривање. Во основа, ретко кој го споменува овој врв.
Западна Македонија е посебна.
Вонвременски убавини извираат секдае, но таму каде што не се надевате, барем не во толкава мера, се вистинско откровение.
Токму таков е Дешат.
Предел кој диши и со питом и со див карактер, во исто време, но над сé целосно нерасипан од цивилизација.
Патеката е делумно маркирана, а теренот во повисока елевација е јасен и прегледен. Има пејзажи кои под зраците на тоа јулско сонце кое не беше толку силно, заради прекрасните формации од облаци, потсетуваа понекогаш на Ирска, а не на Македонија.
Запловивме во тишините на пространите ливади, но и на висините на Дешат. Долго не пратеа со својот спокој. По пат наоѓаш и подароци, печурки и шумски јагоди.
Светот на планинарењето е спој на мир и тишина, барем за нас…секогаш.
Дешат е планина која ти отвара неверојатни погледи кон цела долина која е сокриена помеѓу двата извишени ѕидови на планинскиот масив. Имате впечаток дека сте во некој огромен кањон, а вие сте во суштина во седлото на планината.
По неколку часови искачување, доаѓа едно прекрасно, но очекувано изненадување. Изненадување кое го откривме во таа инстаграм фотографија, која не поттикна да ја откриеме оваа планина.
Глацијални езера кои се полнат со вода од топењето на снеговите и мразот, а дел и од сопствени подземни извори. Езерата истекуваат во мали потоци, кои се вливаат во реката Радика.
На билото на Дешат постојат уште неколку езера. Ние, освен овие две откривме и уште едно друго…кое е не е во висините, туку во горскиот појас, значи пониско лоцирано и се вика Локув, но за него имаме не летна, туку есенска сторија која наскоро ќе Ви ја раскажеме посебно.
И се потстетиваме да продлжиме, зошто езерата и поглед врз нив маѓепсува. Сепак овде сме за Веливар, врв кој по некој час го освоивме со радост. Веливар пружи моќна убавина, нови хоризонти и откритие дека нема планина која не е убава, иако нејзиното име не е толку звучно.
Се спуштаме…во долината не испраќа далечен лавеж на овчарски кучиња. И преубав јулски залез. Како и да е Дешат со своите скриени убавини, скоро недопрени од човекот, крие уште многу нестварно.