24 Мај, 2019
Тој ден беше резервиран за нашиот јубилеен десетти врв. Па сакавме да биде планина на која не сме биле претходно и да биде врв повисок од 2.000 метри. Изборот падна на Кожуф и неговиот највисок врв Зелен Брег, со своите 2.172 метри надморска висина, според едни и со 2.166 според други. На каменот пишува 2.172, но не било точно. За оние кои ги интересираат статистики, еве уште една, се надеваме прецизна, Кожуф е една од 13 – те планини во нашата земја, со врвови повисоки од 2.000 метри.
Патот не одведе до Гевгелија, па после и до месноста „Смрдена Вода“, каде луѓето доаѓаат редовно, да наполнат вода од изворот, за која се верува дека има лековита моќ.
Продолживме со автомобилот да се движиме, се додека имаше асфалтен пат. Додека возевме, сфативме зошто Кожуф е една од најубавите македонски планини, но и планина која има силен карактер. Најпрво, пред 15 – тина години тука требаше да се гради ски центар и тоа еден од најголемите на Балканот. Била направена и нова патна инфраструктура. Но, ете, планината како да не дозволи тоа да се случи и да биде осиромашена од голем број на шуми, кои ги има во изобилие. Одговорот на планината може да се види и во одроните на карпи и камења кои се забележуваат на патот додека се движите. Но тука не завршиле маките за планината. Неодамна, одекна информација дека била доделена концесија на некоја фирма за ископувања на минерални богатства од Кожуф. Градење на рудници кои целосно би ја уништиле. Но конечно, Кожуф се спаси и од тоа. Одолеа на сите човечки обиди за нејзино уништување.
Денот беше облачен, но планината успеа да ни покаже голем дел од својот раскош, а и себично и да зачува нешто за нашето наредно доаѓање. Зеленилото распослано на сите страни, да не знаеш каде поправо да се завртиш. Таков колорит и идила, па ти се чини во секој момент ќе се појави Хајди од романот на Јохана Шпири, за да те повика во куќата на дедо и’ на свежо млеко.
Ние Зелен Брег се одлучивме да го искачиме преку несудената ски стаза, иако поедноставно е по маркираната патека, која се дели од асфалтниот пат. Времето на планината е крајно непредвидливо, па блиску до врвот, падна магла, толку густа, што за малку ќе го промашевме врвот. Единствено ни беше криво што не можевме да уживаме доволно со погледот од горе, од каде во добри временски услови може убаво да се види цела планина, но и Солунско Поле. Блиску до врвот има поставен камен – кота, уште од времето на СФРЈ, кој ја претставува границата меѓу Македонија и Грција (планината ја делат двете држави, иако во Грција е позната под името Ѕена). Откако се вративме до автомобилот, неизбежно беше да надополниме дел од изгубените калории во селската гостилница, која се наоѓа во местото „Смрдлива Вода“, нормално и да пробаме леб, печен во фурната од спротива. Искуство, без кое доживувањето немаше да биде целосно и нормално го препорачуваме за сите кои ќе се решат на една ваква авантура.
Како се враќавме за назад, знаевме дека Кожуф заслужува да го посетиме уште неколку пати, зошто првото искуство беше и тоа како инспиративно.