Диско топка на еден врв

Се’ до тој 06.02.2018, името Плетвар ми асоцираше на превој кој мора да се помине на патот Прилеп – Велес или обратно, при секое патување. И секогаш на тој пат ви боди очи еден знак каде е напишана највисоката точка од 998 мнв. И останува во меморија, баш дека не е илјада. Е сега, знаев дека има и село со тоа име, ама никогаш не ве води патот за да го посетите, освен ако нема некој застој во сообраќајот, па да мора да ве пренасочат преку селото, што се случува многу ретко.

Епа токму ова прилепско село, застроено во подножјето на планината Бабуна е вашата почетна точка доколку сакате да го искачите нејзиниот највисок врв – Козјак.  Не ја знам точната причина зошто во Македонија има толку многу топоними со ова име. Планини, врв, река, вештачко езеро, ама знам дека сите си имаат своја убавина.

Од селото Плетвар, кое се наоѓа на 980 мнв, тргнавме по потрага на врвот, искрено не знаејќи точно што не’ очекува. Како и на секоја зимска експедиција, без разлика колку е висока планината, не смее да се потцени. Дерези, гамаши и стапчиња мора да ви бидат составен дел од целокупната опрема, посебно кога се работи за планина како Бабуна, која пред самиот врв има неколку стотици метра карпест и стрмен дел, кој мора да се помини. А врвот, не се издава така лесно, треба да поминете две други врвчиња, пред да го здогледате гордо издигнатиот Козјак со неговите 1.747 мнв.  Вкупната должина на патеката е околу 6 км, генерално маркирана. Првата впечатлива точка е чешмата „Студенец“ која истекува во када. Како се иксачувате нагоре, планината се соголува, но затоа се отвора погледот кон околината.

А самиот врв е посебно доживување. Врв со диско топка и стотици огледала на неа. Било каков друг врв немаше да и одговара на планината. Кога би имале повеќе време, сигурно ќе уживавме подолго во погледот од врвот, од каде може да се здогледаат Златоврв, Пелистер, Солунска Глава и Кожуф. А сигурно добро ќе дојдеше на пример и “Let’s Dance” од Дејвид Боуви во позадина, за уживањето да биде целосно.

Времето не газеше, а денот беше краток, па мораше да мислиме и за враќање назад. Еден момент што не го предвидовме е дека во секое село, не можете да поминете без глутница селски кучиња. И сите тие се безопасни, доколку не носите и вие куче со вас. Во нашиот случај, иако носевме, се добро се заврши. Сепак, ако ја планирате оваа тура со ваше куче, оставете го за некоја друга прошетка на планина.

Кога тргнавме со колата за назад, веќе беше мрак. Ние се обидувавме да ги собереме сите впечатоци од еден совршен зимски ден.

Оттогаш, на секое патување од Велес кон Прилеп, секогаш погледнувам кон Козјак, кој многу убаво се гледа од самиот пат, но пред нашата екскурзија ништо не ми значел. Е сега, ако имате среќа и сте доволно упорни, а нормално ве посака времето и сонцето, може во еден миг, да ви светне диско топката, од која се одбил некој сончев зрак, и така ве поздравува и ве повикува на некоја наредна средба со врвот.

You may also like

Leave a Comment