3 Ноември, 2018
Три главни состојки се потребни за ноемвриско планинарење:
~ блиски и не многу амбициозно високи врвови зошто е денот краток
~ што повеќе сонце и отворени планински гребени заради топлина
~ пржени лепчиња со јајца, сирење и чај со мед во ранецот
Сите три состојки ние ги имавме на тој 3 ноември, единствено истражувањето дека патеката за да се освои највисокиот врв Мусица на Бушева Планина е маркирана, а всушност не беше.
Тоа беше наш 3 врв од планинарското искуство и на овој врв ги откривме слабостите на необележана патека и неофукнкционален мобилен телефон, зошто во овој регион скоро и да нема мрежа. Така што потребна е друга алтернатива за навигација.
Добредојдовте на Бушева Планина, нашата вистински необична и поучна авантура!
Сместена над историското градче Крушево, кое е туристичка атркација, чудно што оваа средновисока македонска планина, не е воопшто искомерцијализирана. За нас тој миг доаѓа како олеснување, зошто уживањето во планините го сметаме за мир и слобода.
Планината низ историските списи е позната под многу имиња, а славниот Ѓорче Петров во своите пишувања во книгата “Материјали по изучувањето на Македонија” оваа планина ја опишува именувајќи ја со Бушева или Бушоа, Крушевска, Слива и Дени Камен планина.
Толку многу имиња за само една планина.
На планинското било географите бележат 10 планински врвови, а наша цел беше највисокиот, Мусица со 1.788м.
Логистиката за планинарње на Бушева, не може да биде подобра. Автомобилот го паркиравме пред познатиот Манастир “Преображение” кој го започна со градење Тоше Проески до кој води асфалтен пат и од таа почетна точка се упативме кон врвот. И возењето до таму е низ живописни предели со нестварна убавина.
Есента е волшебна на планини кои имаат листопадни и зимзелени дрвја. Таква мешавина на бои нема ни во најсмелиот тон каталог на есенски бои. Ова е една од вистински богатите планини со шуми. Некои од нив стари и по 300 години, како што е славната Крушевска корија, опеана во многу песни и учебници по историја.
Она што оваа планина за нас ја прави посебна е неверојатниот контраст кој го нуди, на релативно мал простор.
Од шуми, преку природни прерии до каменити формации кои се блсику до врвот.
А врвот…него едвај го најдовме, претходно “освојувајќи” 2 високи и необележени точки кон кои грешно не неведе еден овчар кој доаѓа од Албанија да работи овде и не знае друг јазик освен мајчиниот. Така што пантомима беше во оптек.
Верувавме во 3та среќа и успеавме. Мусица освоена, прекрасна…помалку како заборавена, со срамежлива појава, но ни пружи прекрасен поглед од 360 степени на сé што очите можеа да ни видат во тој златен ноемвриски ден. Но, она што не совлада е брзото заминување на денот. И така започна нашата непријатна авантура, да се вратиме назад во темница по необележена патека, без мрежа на мобилниот телефон за да следиме насоки.
Веројатно среќа, а и рационални одлуки кои често ги соочуваме во симпатично натегање кој е во право, а кој не!
Веројатно планините се во право, а наше е да бидеме секогаш подготвени и релаксирано да уживаме во нивните убавини.
Научивме добри лекции, освојувајќи го 3 врв од новата љубов кон планините.
Бушева Планина ни остави силни впечатоци во спектакуларно светло на есенските златно зелени тонови.
До следното враќање на оваа планина, можеби во некое друго годишно време нема да чекаме толку години колку што нам ни требаа да ги откриеме планините.