20 Октомври, 2018
Заладување и мал октомвриски снег, а потоа неочекувано повторно топење кое беше идеален услов за појава на ниска облачност.
А тоа значи и сино небо и прекрасни формации на облаци.
И тогаш си кажуваш дека треба да бидеш на вистинскот место, во вистинското време. Не постои подобро место за “од по облаците” онаму каде што од висина можеш да гледаш и езера. Заради рефлексиите во водата, а понекогаш и заради ниската магла која лебди над езерата.
Пат кон Галичица од страната на Преспа.Возиш на патот кој те води кон планината, среќаваш коњи…и колку таа да повикува и да целиш кон врвот, не сакаш да го одвоиш погледот од секогаш мирното Преспанско Езеро.
Но, заклучуваш дека искачувајќи го врвот Магаро на Галичица, ќе го видиш езерото кое создава бисери, не секогаш мирно, но сосем волшебно …
Охридското Езеро.Да, Галичица е планина распната помеѓу две љубови, а тоа се двете езера кои љубоморно ја чуваат планината која секогаш знае да игра помеѓу сонцето и облаците, дури и во најсовршен ден. Таков беше и нашиот.
Прва средба со Галичица и освојување на нејзиниот најпопуларен врв. Се искачувавме по одлично маркирана патека со симболи, но патоказите поставени пред години се тотално избледени, така што игнорирајте ги и следете ги црвено-белите кругови.
Галичица како ја искачувате, така се отвара во блескаво издание кое може само да се посака. А кога светлината на сонцето ќе блесне после некој облак и ќе ве огрее, подгответе се за фотографирање.
Пределот е пуст до врвот, се повторува и е изразито кршевит. Од Магаро, го гледате продолжението на оваа величенствена планина која од камен се претвора во хипнотизирачки избрчкани пасишта. Од врвот се протегаат прекрасни пејзажи и естетски привлечни вредности на двете страни кои ги поседува планината. Она што изненадува е нејзината вдлабнатост меѓу врвовите, како плоча која ги дели двете езера.
Ова е карстна планина, препознатлива во географското опкружување со своката импознатна големина. Магаро се издигнува на 2.255 метри. Нема многу дрва и шуми, но има реликтни растенија, од кои 11 растителни врсти можат да се најдат само тука, има 26 ендемски животински врсти и 1644 видови пеперутки на толку мало подрачје. Научниците кои ова го истражувале тврдат дека е од големата количина на дожд која паѓа на оваа планина во текот на годината.
Толку многу дожд, а скоро ниту еден извор, ете толку е сува оваа планина.И уште еден феномен. На патеката до Магаро ќе сретнете два цирка-геоморфолошки феномени кои сведочат за последното ледено доба на нашата планета.
Галичица е ледена во зима, но носи медени спомени.