Илинска – Планина на која започнуваат најубавите приказни

13 Октомври, 2018

Ако некогаш сте биле заробеник на правење на планови, на брзање и ловење на места каде што мора да се оди, зошто сите одат и така сте паднале во стапицата на едноличноста на животот…направете обид еднаш да оставите простор денот да Ве одведе некаде и да откриете колку нестварни нешта сте пропуштиле во животот, а се наоѓаат сосем блиску до Вас.Така овде, на оваа планина започна една нова страст кон неоткриеното, кон допирот на врвовите и географски и духовни, кон откритието колку малку се познаваме, колку сме мали наспроти Земјата и Космосот…..затоа и ова напишано признание, дека тука започна сé.

Далеку од “долината” во рингишпилот на градското секојдневие, еден викенд ден обичен и овоземен се претвори во откривање на природата и убавините на тотално несвојствен начин. Затоа Илинска Планина за овој блог “No Man’s Land” е запечатена како миленица планина.

Се започна како да се оди некаде блиску и да се види нешто незадолжително.А пред нас се отвори богата, раскошна, дарежлива и топла убавина во една планина. И така се роди не обична љубов, туку страсна љубов планините,а и врвовите. Зошто и врвот на оваа планина, без никаков план ни помисла, случајно го освоивме.И доволно е увод за почетокот на оваа животна авантура преточена во блог.

Време е за планината бр 1.

Илинска Планина е дел од планинскиот масив од Демир Хисар која длабоко под своите пазуви го негува највисокиот врв Лиска со 1908 м. Најстарата планина на Балканскиот полуостров изобилува густи планински шуми и пасишта, извори на неодолива ладна вода и разновиден животински свет. Сместена е на југозападниот дел на Македонија, а со Бигла и Плакенска Планина чинат единствен планински ланец. 

Создадена е од метаморфни карпи.Името го добила по Пророкот Илија, на кого е посветен и еден манастир.Ова е планина од чие подножје извира Црна Река.Илинска Планина се вбројува меѓу еколошки најчистите места во Македонија бидејќи располага со најчисти шумски и лековите билки и плодови. Поради неверојатно чистиот воздух и идеалната клима, ова место е измислено како за зимски така и за летни планинарски тури. Љубителите на природата вистински ќе ја почувствуваат сета убавина и благодет која извира од секоја недопрена идила.

Од највисокиот врв Лиска ќе го изгубите здивот од погледот во најубавото Охридско Езеро

Можеби, за многумина тоа е и предизвикот да го искачат овој врв.

За искачување до врвот Лиска од с. Прострање потребни се околу 3,5ч. Иако оваа планина е богата со вода (над с. Прострање има и извор на природна минерална вода) додека се движите кон врвот нема извори на вода освен т.н. Тренски извор. Во село Големо Илино се наоѓа изворот на Црна река. Пред да се решите да го започнете патешествието кон примамливата убавица, со себе понесете си доволно количество на течности и храна.

До врвот Лиска може да се стигне и преку селата Големо и Мало Илино преку манастирот Св. Илија од Демирхисарска страна, и од с. Велмеј од Охридската страна.

Не не водеше обележана планинска патека, не водеше некое чудно претчувство дека треба да го искачиме “ридот”. Ете толку беше нашата претстава што значи да се планинари, планината ни изгледаше како рид, а  дали има врв и какво е воопшто чувството кога во животот случајно ќе го освоиш првиот врв… е за тоа ќе треба посебно раскажување.

You may also like

Leave a Comment