Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the wordpress-seo domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/nomayisn/public_html/wp-includes/functions.php on line 6114
Мазатар, питома и срамежлива планина - No Man's Land

Мазатар, питома и срамежлива планина

Еден планински изданок на Плакенска Планина, тешко воочлив на картите, но нем сведок на одамна поминатите епохи кога се создавал овој планински масив, е прекрасната и не толку позната планина Мазатар.

И доколку мислите дека од Галичица сте ги виделе сите можни точки за поглед на двете езера, Мазатар ќе ве демантира со можеби најмистичниот поглед кој врвот Бајрак со своите 1.635мнв ќе ви го пружи.

 

Планинарската патека започнува од селото Куратица, во близина на Охрид. Патеката е мошне лесна и е комбинација на одење по ливади и низ убава шума. Нема вода, што значи тоа е таа слична приказна на Галичица, планина која нема извори.
Во цел овој изминат период во кој планинариме, многу се радуваме кога утрото ќе не поздрави со небо богато со облаци, дури и да има ризик од врнежи од дожд.
Ги сакаме облаците.
Прекрасни се хоризонтите со нив, а и фотографиите.
Додека го искачувате Мазатар, имате мал поглед кон околните планини, но од врвот ги гледате целосно, и погледот кон непрекинатиот венец од планини е прекрасен.
Ги гледате планините како наредени во пластови, а меѓу нив сместени двете најголеми езера во Македонија, Охридското и Преспанското.
Има некој чуден спокој на оваа планина.
Како заборавена во времето и просторот.
Мазатар можеби не остава силен впечаток на моќна планина како што е Галичица или Јабланица кои оттука  така се гледаат, но со пејзажите на мал простор имате впечаток на планина како од детските сликовници. Прекрасни цветни ливади, благо заоблени врвови и повремено шумски делови.
Ова исто така може да кажеме дека е планина за попладневно качување. Иако луѓето што се пасионирани планинари добро знаат дека утрото е најважно за старт на искачување на врв, оваа планина, можеби заради залезот на сонцето на хоризнотот, во долг пролетен или летен ден може комотно да се искачи во едно попладне.
Поубаво е уживањето.
Никогаш не е доволно времето поминато на врвот, но часовникот кажува време е за спуштање.
Пристигнуваме во Куратица, не пречекуваат истите жители седнати на истото место пред коперацијата, кои на поаѓање ни посакаа убав ден.
Секој разговор со локалното население е уживање, сакаат да раскажат за својот крај, но ретко кој од нив бил пешки на врвот.
Сметаат дека полесно е со теренско возило.
Љубезни и непосредни, со топли погледи и со желба да споделат убави мисли. Направивме прекрасни фотографии и низ селото, но за тоа во некое следно наше прераскажување на убавините на Македонија.

You may also like

Leave a Comment