30 Март, 2018
Минувајќи низ пределите на демирхисарскиот крај, еден долг венец на планини го привлекува вниманието. Без изразени остри врвови, но со мистика обоени две планини, особено при изгрејсонце и залез…едната е Илинска, за која пишувавме, а втората е Плакенска и заедно прават венец долг 40 километри. Во раскажувања на локалните жители откривме уште едно име за Плакенска Планина, а тоа е Модра Планина, па оттука и насловот на оваа наша сторија.
Причина за додавката “Модра” е токму таа мистика на синкаста боја која ја создава сонцето кога се раѓа на почетокот или умира на крајот на денот. Ете како на боите во природата гледаат мештаните.
А ние….Плакенска ја најдовме тоа утро како сонливо ја гледа долината. Со модрина мистична…обвиена.Ова ни беше трет обид да искачеме еден нејзин врв. Првите два пати, што заради краток зимски ден, што заради грешка и избор на погрешен правец од необележена патека, мисиите завршуваа како вообичаено планинарење, но не и освоен врв.
Но, затоа третата среќа постои, на трет обид освоен Сталев камен. А до него фази на некои стрмни превои во кои се вовлекла снежната белина на доцниот снег. Беше крај на март.
Календарски започна пролетта. Но, не и на Плакенска. Зимски пејзаж, а слушавме звуци на птици кои пролетни песни пеат. Чуден некој спој. Воздухот мириса на пролет, а зимата со снегот не се предава. Прекрасен е секој поглед од висина кон долините, кои како да дремат во прекривач од лесна маглина. Добредојде ни посакаа цвеќињата кои никнуваат во снег, а значат крај на зимата. Цвеќиња кои го ловат сонцето, мислејќи дека се пролетни подароци на природата. Црвените покриви на куќите од Вирово, ги снемува како ги совладуваме висините. Во една долина, помеѓу две височини наидовме на корито, кое ја собира водата од една планинска чешма.
На патеката газиме преку есенски лисја кои не успеале ветровите да ги дувнат, ни дождовите да ги претворат во хумус, газиме и преку снег, но и по зелена трева на новото годишно време, пролет. Призори на три годишни времиња на истата планина. И третата среќа, се насмевна. Освеон Сталев камен, врвот со своите 1999 метри. Познат е хуморот на жителите на горнодемирхисарските села, па додавале камен од 1 метар, за да биде врвот 2000 мнв.
Авантурата да се освои врв од трет обид не асоцира на една стара индијанска мудрост која гласи некако вака:
“Бев на крајот на земјата. Бев на крајот на водата. Бев на крајот на небото. Бев на крајот на планината. Не најдов ништо, што не ми е пријател”