Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the wordpress-seo domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/nomayisn/public_html/wp-includes/functions.php on line 6114
Питомиот исток на Македонија - No Man's Land

Питомиот исток на Македонија

Еден извор на река.

Неколку водопади.

Масив на питоми планини.

Некоја сокриена , заборавена и негибната Македонија…И кога се нахранивме од тие божествени погледи, додека околу нас слушавме лирска песна на шумски птици, заклучивме дека Малешевијата е питомиот планински рај на Македонија.

 

 

Кога ќе се упатите кон Пехчево, по еден живописен пат, немате впечаток дека одите кон планински височини. Плодни и пространи полиња ве опкружуваат на патот, подоцна стеснувајќи се во мала котлина. На мапата во колата си ја проверуваме одредницата од каде планираме  да започнеме да го искачуваме Ченгино Кале. Убава околност е што овој пат, тоа ќе го правиме во друштво на неколку планинари  од групата љубители на планината ‘Сосна’ од Берово. Ги среќаваме на договорената точка. Прва средба ни е, но нема дилеми, сите средби со планинари се срдечни. Зборувате на ист јазик кога раскажувате за љубовта кон планините, делите исти погледи на перципирањето на односот кон природата, изнаоѓате толку многу сличности како да се знаете со години, а не само неколку мигови.

Стартуваме од Равна Река, не чекаат 11 км пешачење до врвот кој се смета за најистурената источна точка на нашата земја. Постојат и други тврдења кои сметаат дека тоа не е Ченгино Кале, туку друга точка се смета за најисточна. Но, ние не сме тука за географија, ние сме тука заради планините.

11 км, до врвот и уште отприлика 11 км назад, иако ќе одиме и ќе се враќаме по различни патеки. Не радува должината, тоа значи дека ќе имаме скоро бесконечен ден на уживање до стемнување.

Малешевијата е совршено вклештена помеѓу Огражден, Голак и Плачковица.

Од таа најисточна точка, се пружаат, малку е да се каже волшебни погледи и кон Пирин во Бугарија и кон предмалку наведените планини во Македонија.

За некои, Малешевијата е минијатура, совршено компонирана од листопадни шуми и пасишта. Тука извира реката Брегалница, формирајќи прекрасни водопади кои го одземаат здивот.

Теренот е гостопримлив.

Питом.

Патеката не е целосно обележена, но со домаќините, едноставно сме олабавени од таа грижа.

Не гледаме во часовникот, погледите ни одат само кон пејзажите.

Убав е таков миг на опуштеност, за промена.

Одиме низ шумски пристап – вегетацијата е во полн ек. Ова се самоникнати шуми, во зима препуштени на снег и ветер, оттука и по некое скршено стебло.

Повремено се отвораат видици со пасишта, со најзелената трева која некаде во Македонија сте ја виделе, со стада од крави кои пасат и кучиња, како нивни чувари.

Искачувањето кон Ченгино Кале 1.760мнв е временски долго, но релативно лесно.

Од таа точка, каде се наоѓа и граничната линија со Бугарија, имате убав поглед на сите врвови на Пирин, во сончев ден.

Нашиот ден не беше сончев, но беше онаков каков што сакаме да биде со небо ишарано со облаци. Го видовме Вихрен, и доволно ни беше.

Планинарњето по Малешвијата е искуство за душата и телото низ скоро негибната природа. Совршена планинарска тура ако сакате едноставно  и долго пешачко искуство.

Бучењето на изворите, водопадите и реката како  единствена звучна кулиса, особено во пролет ќе ви остане вечно во сеќавање. Звуци и призори за паметење.

 

Им благодариме на Жаки, Кате, Перо и Киро за драгоценото дружење.

 

 

 

You may also like

Leave a Comment