Врвот Панделе е Мариово во мало

Сте слушнале ли за врвот Панделе?Еве ние не.. како да е божем најголемата чувана мариовска тајна. Никаде знак за него, малку податоци на нет, па дури и полиција да те застане на патот кон селата во неговото подножје, да те легитимира и запишпе и да проверува во багажникот. Беше чудно, но подоцна претпоставивме и зошто… Полицајците се насмеаа двосмислено кога им рековме дека сме планинари кои сакаат да го освојат врвот Панделе.

Веројатно тука планинари скоро и да нема…”намерниците” кои се чести тука се или ловџии или како трагачи по злато. Ранците за планина големи, можеби полицијата мислеше дека носиме трагач за злато? Кога низ разговор и шеги се разубедивме со полицијата, тргнавме кон нашата цел. Кога возиш низ Мариово, тоа е панорамско слатко задоволство. И замислуваш не само возење со автомобил, туку и со велосипед…ова е велосипедски рај, зошто едвај ако сретнете едно возило на пат, кое ќе подзастане да не случајно сте се загубиле. Овде скоро и да не сретнувате никој….освен еве полицијата.

А Мариово е толку чудесно, со нестварни предели, а планините ретко кој ги смета за важни, можеби затоа што нивните врвови не се звучни планинарски цели, а и не се нешто високи, реално да си кажеме. Но, не се така едноствани за искачување, зошто маркацијата најчесто е бледа или воопшто ја нема. Но, признаваме, ние сме вљубени во Мариово. И упорно го откриваме. И тоа низ нашиот блог се гледа.

Во планинарска смисла, Панделе не нуди доживување од типот одење по срт, но пружа такви убави сцени од крајоликиот пејзаж на Мариово, кој ако во денот на вашето искачување е збогатен со небо со облаци, тогаш имате пред себе ситен најфин вилеров гоблен. Во Мариово, не знаеме зошто, но и небото е пошироко, зошто планините кои го обвиваат се далеку, па нискиот хоризонт ја дава таа широчина. Ако облаците се како од приказните на Итар Пејо, како волна од овци расфрлана…. тогаш имате и што да фотографирате.

Козјак планината, во Мариово го има најзападниот огранок, тоа е гребенот Скрка. А врвот Панделе може да се пофали со 1.344м.Централно е поставен на пирамидална планина, затоа доминира и го гледате уште од далеку. Ако сретнете некој од нашите Humans of Macedonia кои попатно ги сретнавме и тука, ќе Ви речат: Има предание дека “Панделе е на високо и гледа сé”. А ние гледаме кон него, голи падини, но и листопадна шума околу.

Погледите ви се заковуваат врз две мариовски села одгоре, Полчиште и Бешиште… а некаде низ долината ако запнете ќе ја забележите и реката Сатока. Какви интересни имиња Мариовците им давале на своите топоними уште од древни времиња, зошто ова е терен на раноантички населби. Пишувавме за тоа во блог постот посветен на врвот Висока.

И да се вратиме на врвот, кој е всушност локација не на една, туку на две мали цркви посветени на Св. Пантелејмон.Оттука и крстот во улога на камен кој го обележува врвот.

И облаците се згуснуваат и најавуваат дожд.Време е да се вратиме.Надолу е секогаш поедноставно. Во долината, наоѓаме брачен пар со возраст над 80 години. Никој точно не си ги знае годините. Со радост ни позираат да направиме фотографии. Ни дождот не ги трга насмевките на нивните лица кои не држат за рацете, долго поздравувајќи се за збогум со нас, ни кажуваат да останиме на кафе…сакаат времето со нас да продолжи, како да се плашат дека кога следниот пат ако патот не доведе повторно тука, дали ќе ги најдеме?
 
Заминуваме, капките дожд се единствениот звук кој може така совршено да се вклопи со музиката од филмот “Пред дождот” на Манчевски, која од јутјуб си ја пуштаме на радиото во колата…. музика, така ангелски создадена од македонскиот бенд Анастасија. 

You may also like

Leave a Comment