Зима во есен на Кожуф

30 Ноември, 2019
Кожуф, најјужната граница на планинските предели на Македонија, заедно со Ниџе.
Невообичаен пејзаж на алпски врвови и долини, на четинарски шуми и месечеви предели, на вистински долги снежни сезони, а се наоѓаме во Вардарската долина која асоцира на јужен ветер Вардарец, на смокви од гевгелиско и на пат кој не води до најблиското море Егејско.
Но, Кожуф е високо поставен бедем, кој е потсетник дека и правилата имаат исклучок.

Кожуф е масив кој е пристапен само преку еден пат, кој често е затрупан од камења, свлечишта и снег. Масив кој го резбарат на трите краеви длабокиот кањон на Демир Капија, бескрајното Мариово на другата  и солунското поле на третата страна.
За највисокиот врв  на матичниот венец Кожуф – Зелен Брег 2.166мнв пишувавме кај нас на блогот пред некое време. На оваа убава планина има осум двеилјадни врвови освен нашиот прв искачен Зелен Брег, кои си ги поставивме како цел…Пиново 2.156 (Грчка страна), Дудица 2.132, Порта 2.112, Морето или К-92 2.102, Марково Езеро 2.035, Мала Рупа 2.004 и врвот на кој денес посветуваме редови, врв од истиот венец кој територијално влегува во Грција, но кај планините и планинарите, се гледаат врвовите по искачување, а не по тоа чии се. Така што денес Ви ја претставуваме Sена, врв од 2.067мнв. Врв за кој не Ви треба пасош “при премин” на замислената планинска граница.

 

Мрежа на нагазени и маркирани патеки на Кожуф има. Но, присуството на еден наш драг пријател, Ристо Каркалашев од Гевгелија беше причина повеќе да не размислуваме многу за патеките, туку за целта, да ја искачеме Sена.
Тој последен ден на Ноември, според сите прогнози требаше да биде златен есенски ден. Но испадна вистинско добредојде за зимата. Имавме снежна олуја која беше вистински планинарски предизвик и за нас и за фотографирање. Гледајќи ги денес фотографиите, имаме впечаток дека имавме три годишни времиња во само неколку часови.
Нестварни призори се менуваа, еден како друг на лента, а и самата делница не е монотона, лишена е од вообичаени сцени и нуди возбудливи погледи.
Воодушевувањето започнува пред да се искачете на врвот. По јужната страна на планината, по наборите на плеистоценскиот леденик се вијуга бајковит планински пат.  Си помислуваме како оваа панорамска патека, може да биде возбудлив дел за љубителите на маунбајкингот.
Кулминацијата следи на последниот превој, кога сртот ви пружа два погледи, еден кон Македонија, а другиот кон Грција.
Во еден претходен наш текст, посветен на еден врв кој го искачивме исто така во есен, напишавме:
“За планинарење вреди да се порани, а за есенско планинарње, вреди двојно да се порани”.
На сртот си посакавме во иднина да доживееме призор на изгрејсонце токму тука, веројатно тоа ќе биде сцена која долго ќе трепери во меморијата видена преку нашите очи.
Но, за тоа треба да дојдеме во пролет.
Утредента беше 1 декември, а ден пред нашето доаѓање на Кожуф имавме скоро летни темепратури од 20 неверојатни степени. Но, планините се убави заради нивната непредвидливост, така што тој прв снежен ден на Кожуф ќе се памети долго. Од сино… во сребрено небо, од небо без облаци …во драматични снежни облаци, од јасна видливост на планина-до снежна олуја.
Но, вредеше тој ден на Sена, врв кој дојде како десерт на крајот од 2019 година.
Врв кој нуди прекрасни птичји перспективи на длабоката есен во долините, од златни тонови до пурпурно виолетова боја.
Есента е убава кога се гледа одблиску, но најубава е кога се гледа од височина.
Од овој есенски ден на планина, кога ќе ве изненанди првиот снег, заклучувате дека имате впечаток дека сте сведок на доаѓањето на леденото доба.
Тој наш епски круг до Sена, успешно беше совладан во тој краток есенски ден.
Немавме време за комоција, иако призорите пленеа со својата убавина подолго да се задржиме и да уживаме во годишното време кое се прекршува од есен во рана зима.
До следната средба со некој нов врв од масивот Кожуф, си кажавме довидување.
А во какви временски услови ќе биде тоа, ќе видиме.

You may also like

Leave a Comment