Ако веќе расчистивме дека сите планини се убави, тогаш има едни кои ви лежат поблиску до срцето, од други. За нас таква е Кожуф, па не е чудно што и се навраќаме по четврти пат. Гевгеличани се толку навикнати на жешкото време, што среде лето, кога температурите во градот лабаво го надминуваат четириесеттиот степен, доаѓаат да се „ладат“ на Кожуф, каде температурата надминува триесет степени, а сонцето пече на голите планински предели.
Ние одлучивме да ги прескокнеме „топлите“ месеци, но оваа планина ни беше наш прв септемвриски предизвик. Изборот, овој пат падна на врвот Мала Рупа и нејзините 2004 метри надморска висина.
И во септември, температурите тука уште се летни, затоа тргнувањето на планина мора да биде доста рано. Кога се качувате на Кожуф, а претходно тргнувате од Гевгелија, за кратко време во автомобилот чувствувате голема промена на надморската висина. Градот е на 65 метри, а нашата појдовна точка е на преку 1.600 метри надморска висина. Веројатно, кога не би бил пробиен патот, направен за потребите на скијачкиот центар кој никогаш вистински не проработи, Кожуф би била една од потешките планини за искачување, затоа што појдовната точка би била многу подолу во планината. Сепак, дури и вака, за да искачите било кој врв треба да поминете по околу 15 – 20 километри во двата правци, што и не е така лошо. Една од најубавите работи кога се навраќате на некоја планина повеќе пати е евоцирањето спомени од претходните качувања и препознавањето на врвовите кои веќе сте ги искачиле. Така, по пат ги здогледавме Двете Уши, Ѕена и Зелен Брег, но и оние кои во иднина се на нашата листа.
Денот и времето идеални за искачување. Сончево со облаци, но и благ ветар за да не ни биде спарно. Повремено поминуваат на мотори собирачи на боровинки кои ги поздравуваме. Меѓу нив има совесни, но и онакви кои оставаат купишта ѓубре, кое редовно го собираме, движејќи се низ преубавата природа.
Стигнуваме до Мала Рупа. Уште еден убавец од врв со преку 2000 м.н.в. Не откривме како е именуван. Но, бајковит е и по погледот на околните врвови кои оттука се гледаат и по името кое асоцира на преданија и митови.
Врвот е секогаш место за одмор за ужина и фотографирање.
Кожуф не е планина која е богата со вода, па така треба добро да бидете подготвени со оваа драгоценост при тргнувањето. Сепак, ако имате некој локалец со вас, ќе ви покаже од каде да скршнете од патеката, за да стигнете до најблискиот извор.
Се враќаме назад и правец во Гевгелија на заслужен ручек. Нема подобра награда од добар оброк, после ден кој физички ве умори, но духовно ве исполни. Батериите се полни за работната недела, а Кожуф го поздравуваме до некоја следна средба, која сигурно ќе биде за брзо.