ЗЕЛЕНА ПИРАМИДА

9 Јуни, 2019

Врвот Пирамида, уште со своето име асоцира на мистерија и љубопитство.

Врвот како да стои срамежливо на планината Бигла, која пак некако е запоставена заради попознатиот и поголем побратим Пелистер на Баба Планина, кој се наоѓа веднаш отспротива.

До овој врв се пристигнува по релативно добро маркирана патека, нема експонирани точки, а сé што ви треба е само добра кондиција.

Ние ја меркавме Пирамида одамна, зошто реално не привлекуваат помалку познатите врвови. Иако, на неколку такви “непознати”, се частиме со по еден славен и познат врв.

Хммм, Пирамида….со претрага на интернет откриваме интересни текстови и фотографии од извесен Стојан – а подоцна откриваме дека тој е човекот кој е дефинитивно вљубен во Пирамида, членува во еден планинарски клуб и е можеби најзаслужен за нејзиното маркирање и за обележување на врвот.

Пејзажите до Пирамида беа пролетни. Еден познат пријател, инаку филмски монтажер по професија, еднаш зборуваше како за филмска фотографија на планина се оди во пролет или есен, тогаш сонцето најубаво сјае.

Тој наш ден посветен на Пирамида, беше ведар, што најави величенствен ден на планината. Првиот дел од искачувањето како по традиција е минување низ шумски појас.

А потоа се излегува на бришан простор.
Тој бришан поростор во пролет е тепих од зелена трева и цвеќиња. На нашите планински авантури, не сме споменале, но собираме растенија за нашиот хербариум. Од оваа планина и од ова искачување на врв, имавме цели букети.

Сонцето е високо, пред нас е Баба Планина со сите свои врвови кои оттука се гледаат совршено подредени, како амфитеатар од врвови.

Слушаме крави во долината, птици кои пеат  во близина, а ние сме апсолутно сами на планината. Уживаме во секој чекор и во секое движење на телото под тоа кристално сино небо над нас.

Маркациите се свежи и јасни и не водат кон целта.

Погледот ни застанува на малку видливата површина од Стрежевското Езеро.
Одиме нагоре, ни се отвара поглед кон неверојатно сончевата долина кон југ, Пелагонија, но во сосем поинаква перспектива, тесна, а не широка каква што се гледа од некои други соседни врвови. На крајниот југ од котлината, ги гледаме импресивните врвови на Кајмакчалан.
Пристигнуваме на Пирамида (1656мнб), позната и како Голем Камен. Потполно сме воодушевени од овој не толку познат врв, од погледот кој ни го пружа кон Преспа и нејзиното езеро со врвовите на Галичица. Со оваа претстава се заокружуваат 360 степени околу пирамидата на еден поширок географски регион.
Правиме подолга пауза, за ручек, па дури и мала дремка на пролетното сонце. Во тоа е убавината на долгите денови, кога не морате да брзате да се вратите пред да падне мрак. Сонцето се спушта кон Запад, под еден совршен агол за фотографирање. Убави мигови за фотографски моменти во создавање.
Време е за враќање назад,
Запознавањето со Пирамида беше прекрасно искуство.
Ова е планина која е навистина непотребно потценета.
На враќање назад патот ни го пресекува дива свиња, слушаме клукајдрвец каде што чука во кора од некое дрво.
Сонцето на залез, сеуште сјаје.
Што уште може да се посака за еден ден да се нарече совршен?

You may also like

Leave a Comment