Повторно сме на Галичица. Колку повеќе се движите на некоја планина, толку повеќе сакате да ги откриете сите нејзини тајни. Да ги искачите сите врвови, да ги научите сите преданија и легенди, да ја доживеете во секое годишно време и секое доба од денот.
Затоа планините се волшебни и затоа секое одење е различно од претходното, дури и да се движите постојано по една иста патека.
Беше рана есен, можеби најидеалното време за посета на Галичица. Инспирирани од патеката наречена „Летница трејл“, како дел од „Охрид Ултра Трејл“, решивме да ја поминеме оваа рута, но сами, без брзање и без натпревар.
Стартната точка ни беше во селото Рамне, а по пат, додека се движевме со такси возило дотаму, таксистот ни раскажа дека охриѓани овај дел од планината го викаат Петрино, па некои го сметаат и како засебна планина. Сепак, вистината е дека Петрино е еден од четирите засебни делови на Галичица, кои си имаат свои рељефни карактеристики. Има една интересна анегдота поврзани со луѓето кои живеат во Рамне. Кога разговарате со нив, никако нема да пропуштат да споменат дека тука се наоѓа најголемиот изграден крст, споредено со другите две блиски села, Велестово и Велгошти. И тие се особено горди на тој факт.
Движејќи се нагоре, поминувајќи го шумскиот дел, се искачивме до првата највисока точка, кој од човекот кој го сретнавме таму, разбравме дека се вика Гоцев Врв или Глос. После неколку минутен муабет, тој ни кажа дека се вика Леко и речиси секој ден пешачи од градот до оваа точка и тоа последните петнаесеттина година. Во младоста, имал изодено од Галичица до Пелистер, но и ред други подвизи. Ни кажа дека патеката која ја пешачи, во негова чест е наречена „Лекова патека“. Во тој момент,ја гледаме патеката на нашиот Garmin и таму јасно стои напишано “Leko’s trail”. Тоа се тие непознати херои кои мора да останат запаметени. За жал многу од нивните имиња ќе бидат заборавени со текот на времето, без разлика колкав придонес имале во некоја област, но Леко засекогаш ќе има една своја патека, иако на многу од генерациите нема да им е јасно од каде потекнуванејзиното име. И овај текст можеби ќе придонесе малку за Леко да ја добие почеста која ја заслужува. Откако завршивме со разговорот, добивме многу нови информации за планината, направивме неколку заеднички фотографии, продолживме да се движиме нагоре по сртот,до највисоката точка на овој дел од Галичица, а тоа е врвот наречен едноставно Висок, со своите 1.643 мнв. За цело време на едната страна го имате оној волшебен поглед на Охридското езеро, но сега од сосема друга перспектива, различна од илјадниците од кои досега сте го гледале.
Спуштајќи се кон Велестово, пресретнавме овчар, со кого договоривме да купиме сирење, кога ќе се спуштиме во селото, од куќата која ни ја посочи, а каде живее тој со својата фамилија. А во куќата, една поголема пауза и создавање нови познанства. А сирењето, предобро, не’остави без зборови. Куќата запаметена, сигурно повторно ќе ја посетиме.
Од Велестово се спуштаме надолу кон градот, за на крај часовникот да покаже изодени околу осумнаесет километри. Уморни, но полни со позитивна енергија, што од вдишениот воздух, што од физичкиот напор, што од муабетите со сите луѓе кои ги сретнавме и запознавме.
Секое одење на планина е приказна за себе. И никогаш не може да предвидите како ќе си поминете и што ќе ви се случи. Како планината да си чува тајни, што им ги открива само на оние што ќе одлучат да ја посетат. Затоа секое искуство е различно и е премногу тешко да се опише со зборови, затоа што мора да се доживее. Се надеваме дека ние успеваме до некаде да објасниме како сме се осетиле. А Галичица, по којзнае кој пат, не’наполни со убави спомени и желба да ја посетиме што поскоро.